Сопругата на Ковачевски влегла во бизнисот со струја

Во ек на најголемата економска и енергетска криза, сопругата на премиерот Димитар Ковачевски влегува во бизнисот со струја и сака да гради соларна централа. Претседателот на владата вели дека нема судир на интереси, секој имал право да инвестира во државава. Вели дека тоа е јавно достапен податок, кој тој самиот го објавил во неговиот анкетен лист, кога стапил на функцијата премиер. Инаку, сопругата на премиерот влегла во бизнисот со струја преку ко-сопствеништво во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“. Фирмата планира да гради соларна електрана во Радовиш.

„Согласно законот за трговски друштва и законската регулатива, секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства. Тоа е пријавено во сите надлежни институции и во Антикорупциската комисија со сите потребни податоци и детали и сите тие податоци се јавно достапни. Тоа е нејзина инвестиција која што ја има направено со сопствени средства“ – одговори Ковачевски.

Додека сопругата на премиерот инвестира во соларна електрана, а прехранбените фирми, училиштата и водостопанствата добија поевтина струја, Клинички центар и Железници се пред целосен мрак. Рокот до кога треба да се плати истекува за два дена. До четврток треба да се подмират сметките за струја, во спротивно ЕВН ќе ги исклучи. Премиерот Ковачевски уверува дека пари со прераспределба во буџетот веќе се нашле за да се подмират долговите на сите државни институции и дека тие сега треба да го поминат собранискиот филтер. Од ЕВН, пак, велат дека би можеле да почекаат, но само ако добијат гаранции дека сметките ќе бидат платени.

„Доколку ЕВН Хоме како краен снабдувач добие гаранција од Владата дека долгот за потрошена електрична енергија од страна на институциите ќе биде платен, тогаш можно е да се одложи исклучувањето. Во спротивно ќе се реализира планот за исклучување“ – велат од ЕВН.

Клинички центар има убедливо најголем долг од 7 милиони евра. Тој ги содржи и фактурите од ГОБ „8 септември“. Сметки не се плаќале повеќе од три години. Долгот на МЖ Траснспорт изнесува 6 милиони евра. До 22-ри декември и затворите, факултетите, студентските домови и судовите треба да најдат решение како да ги подмират долговите за струја. Претходно, од Владата рекоа дека ќе најдат пари за да им помогнат на институциите, но и дека ќе побараат одговорност од несовесните директори кои не си ги извршувале обврските навреме.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста