Скандал на журката за Рамковен: Свирежи и викања кога водителката се обрати на македонски јазик на Скендербег

Со исвиркување на македонскиот јазик, почна Егзит на Артан Груби, фестивалот во чест на 21 годишнината од потпишување на Рамковниот договор. Во најголем дел младата популација, се забавуваше се до моментот кога водителката на настанот, која прво зборуваше на албански, проговори на македонски, што ја изреволтира публиката.

-Драги присутни, вечерва не собра песната, убавата песна која ќе не потсети на убавите мигови на животот, на младоста, љубовта, слободата, соништата. И секако да им порачаме на оние кои имаат некакви…, беа зборовите по кои публиката почна со свирежи и извикувања.

Првиот вицепремиер Артан Груби претходно најави дека очекува овој фестивал во иднина на прерасне на нивото на оние најголеми регионални, мултикултурни, обединувачки. Но, се поставува прашањето како со вакви случувања би се остварил планот. Го прашавме Груби:

Дали Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се извини до Македонците поради овој потег на публиката?, беше едно од прашањата кои го поставивме до Грубо.

-Дали Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе испрати осуда да овој потег на публиката?, беше второто прашање поставено до Груби.

Одговор на прашањата нема. Ја прашавме и Владата:  ќе го осуди ли синоќешното исвиркување на македонскиот јазик? Одговор ни од таму нема. Наместо тоа Груби ни посака добро постфестивалско утро на социјалните мрежи.

-Добро утро на најдобрите луѓе на светот. Да го започнеме денот со ова прекрасно видео од одличниот синоќешен фестивал! Ве сакам многу!, напиша Груби на Фејсбук.

Ни посака да го започнеме денот со прекрасното видео во кое го нема делот каде се исвиркува македонскиот јазик.

Инаку, „Peace Festival“ или фестивалот на мирот мина без ниту еден македонски пејач, откако двајцата најавени, Владо Јаневски и Антонија Гиговска го откажаа настапот.

Организатор на овој фестивал беше фирмата Арберија Дизајн, која важи за омилена кај ДУИ. Таа требаше да ја изврши и набавката на свидетелствата, што не се случи. Арберија дизајн последниве четири години има добиено дури 61 државен тендер, а е најголем донатор на ДУИ од 2105-та  наваму.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста