Помошта за тетовската фабрика би била поголема од сите пари потрошени досега за изминатите 4 години

Над 34 милиони евра биле исплатени за 4 години преку Законот за финансиска подддршка на инвестициите. Биле потпишани договори со 633 фирми. Притоа, најмногу пари, 12,7 милиони евра биле дадени лани, во 2020-та се доделиле 11,6 милиони, во 2019-та 6,8 милиони, а во 2018-та 3 милиони евра. Од Владата пред неколку недели се пофалија дека годинава потпишале договори со најголем број или 280 компании кои требало да инвестираат околу 145 милиони евра и да вработат 3.700 луѓе за 5 години. Новиот закон кој претрпе неколку корекции, за првпат ги вклучи и домашните компании. Министерот за економија Бектеши рече дека околу 50 милиони евра Владата потрошила за финансиска поддршка на инвестициите на домашните фирми од 2017-та година наваму. Сепак, никој не кажува колкав е повратниот ефект, односно колку овие фирми го полнат буџетот на државата. Дополнително , еднострано биле раскинати договорите со 20-тина фирми. За Вицепремиерот Битиќи ова бил доказ дека Владата имала систем на контрола како да се справи со оние што не си ги завршуваат обврските.

Единствено директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски неодамна истакна дека од странските компании во зоните се влеваат три пати повеќе пари во буџетот од дадената помош за нив. Сепак, освен Гересхајмер, Е-го, вторите фабрики на веќе присутните инвеститори, на прсти се бројат комапниите со кои актуелната влада преговараше и ги донесе во земјава. Сите други со кои потпиша договори беа договорени од претходната влада. Сега во моментов повторно сме во „мртва трка“ со Србија за нов странски инвеститор.

Главен адут на Владата за новиот закон за финансиска поддршка на инвеститори беше изедначувањето на домашните со странските инвеститори, но само неколку домашни фирми работат во зоните. Најголем број од фирмите ги донесе претходната Влада.  Тогаш важеа други правила, помош за градење фабрика, субвенционирани вработувања, долгорочен закуп на земјиште, имаше даночни и царински ослободувања. Вкупно 26 компании тогаш склучија договори за државна помош. Добиле државна помош од 121 милион евра до 2017-та година, а инвестирале 348 милиони евра. Тоа значи дека на секое дадено евро државна помош, фирмата враќала две во буџетот. Сега, во зоните работат 15 илјади луѓе чија просечна плата е поголема од просекот во државата..

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста