Поднесено барање за амнестија за 27-ми април: Неправда е луѓе кои гласаа за промена на името да се на слобода, а обични смртници да бидат во затвор

Пратеници кои гласаа за промена на името на државата на слобода, а обични смртници осудени на драконски казни затвор. Селективната правда е полоша од неправдата – и токму тоа е причина адвокатите Драган Пешевски, Јанаки Митровски и Петар Тимовски да поднесат предлог – закон за амнестија на осудените за 27-ми април. Законот веќе е однесен во Собранието и пратениците се на потег дали ќе изгласаат слобода за според многумина неправедно осудените. Според Митровски неправда е што големите играчи биле ослободени, а обичните луѓе осудени на драконски казни затвор.

-Тука говориме за пратениците кои што на овој или на оној начин ја поддржаа промената на Уставот и сето тоа остави еден огромен вкус на неправда во целокупната јавност да оние што и условно речено се на повисоко ниво во хиерархијата на политиката, не само што не одговораат туку се и амбасадори, успешни бизнисмени итн. Додека оние кои што се на дното на хиерархијата или т.н. обични смртници заглавија на сериозни казни затвор, изјави Митровски.

Драган Пешевски вели дека не смее да има селективна аменстија, што беше случај во овој процес. Според него воопшто делото не може да биде терористичко загрозување на уставниот поредок, но со овој предлог закон целта била да се исправи една неправда, каде едни луѓе биле ослободени, а други заглавени зад решетки.

-На сите ни стана што и како. Оној што го овозможи влезот во Собрание на целата група граѓани кои што влегоа беше ослободен, а оние кои што буквално само се прошетаа низ Собрание беа осудени за тероризам. Јас тука имам проблем со правната квалификација како бранител во предметот и не се сложувам со истата, но тоа не е цел на овој закон е да се исправи неправдата која беше направена со претходниот закон за аменстија донесен за време на траење на постапката, изјави Пешевски.

Митровски е на ставот дека оние кои влегле во Собранието сториле кривично дело, но не она за кое се осудени. Според него овие пет и пол години, а додека евентуално би поминал овој закон во Собранието и шест се сосем доволна казна за стореното на 27 април.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста