Критики од ЕУ за политичари кои етикетираат медиуми и ја загрозуваат слободата на говорот во Македонија

Критики од Европската Унија за македонските политичари кои етикетираат медиуми и ја загрозуваат слободата на говорот во земјава. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека на Македонија и биле неопходни длабински медиумски реформи, за да не се повторуваат вакви некоректни изјави. Вели дека мора да се изгради општество кое е отпорно, конкурентно, и за потребите на граѓаните, во насока на слобода на изразување и слобода до пристап на информации.

Тој упати апел до сите политичари и креатори на политиките да ја почитуваат улогата на медиумите за да се сигурни дека можат да функционираат без никакви притисоци.

  • Доколку до 31 мај целта за усогласување на националното законодавство со директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се постигне, тогаш Македонија ќе изгуби пристап до програмата и ќе ја изгуби можноста за користење на Креативна Европа, нагласи Гир.

И регулаторот кој треба да го мониторира работењето на медиумите, ги осудува изјавите од политичките фигури. Регираат на изјавата на Али Ахмети и Димитар Ковачевски, потсетувајќи дека е неопходно да се почитуваат европските стандарди, и ги повикаа политичарите да не дискредитираат медиуми околу меѓуетничка нетолеранција и нетрпеливост.

  • Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите, вели Зоран Трајчевски од АВМУ.

Дека политичари од Македонија ја загрозуваат слободата на говорот и медиумите потврди и министерот за информатика. Вели дека ваквите изјави биле крајно некоректни, и со тоа како што вели, овие олигарси, ја злоупотребувале својата висока функција. Алити, истакна дека како Министерство се против етикетирање на медиумите.

  • Како Министерство ги поддржуваме медиумите и сме апсолутно против етикетирање на медиумите. Ако некој човек што е на позиција ја злоупотребува позицијата против медиумите тоа не е карактеристика на демократско општество, така што затоа и кога правиме ажурирање на закноите се трудиме тој дел да можеме што повеќе механизми и инструменти да имаме за да може медиумтие да си ја завршат својата работа без притисоци или проблеми од политичарите, олигарсите итн., нагласи Алити.

Нападите кон медиумите од страна премиерот и првиот човек на ДУИ претставува опасност според американската амбасадорка Анџела Агелер. И таа ги осуди овие случувања кои зачестија последниов период, порачувајќи дека слободата на медиумите е многу важна во секоја земја. Според неа, ниту еден функционер, ниту поединец, не смее да ја напаѓа седмата сила, која има важна улога во јавната сфера.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста