Повик за протест во Благоевград: „Српски марионети ќе шират антибугаризам“

Македонците станаа српски марионети кои шират антибугаризам, против кој Бугарите ќе треба да се борат утре. Вакви пораки ни стигнуваат од Софија. Раздвижено ќе биде во Благоевград во недела, на денот на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“. Македонците од Бугарија ќе отворат свој центар, па поради тоа на протест ќе излезе бугарското ВМРО-БНД, а 100 годишен јубилеј на својот сакан клуб ќе слават фановите на Пирин Благоевград. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски со нови провокации, ги повика сите на протест со цел да се урне како што вели македонизмот мотивиран од србоманите од Скопје.

-Нашиот национален интерес мора да биде заштитен, затоа примарна задача на секој вистински Бугарин мора да биде во недела да дојде во Благоевград пред споменикот на Георги Николов Делчев. Заедно мораме да го заштитиме сопственото минато, сегашност и иднина!, пишува Џамбаски.

Очигледно бугарските политички чинители и македонската власт имаат заеднички став за отворањето на овој културен клуб. Против „Никола Вапцаров“ официјално застанаа и властите во Скопје, а тоа ни го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи. Од здружението на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, остро го нападнаа шефот на дипломатијата. Бараат да ги остави сами да се борат за своите, со оглед на фактот дека и така македонските власти се откажале веќе од нив.

-Две прашања господине Османи:

Прво: Нели ветивте да не се мешате во внатрешните работи на Бугарија – да проверувате што прават граѓани на Бугарија во Бугарија не е ли директно мешање?

Второ: Не е ли тоа работа на бугарските институции, ако сакаат нешто да проверуваат на нивна територија?

Од кога македонското надворешно министерство е разгранок на внатрешното министерство на Бугарија?, пишуваат ОМО Илинден Пирин.

Отворањето на македонскиот културен клуб ќе помине без присуство на ниту еден претставник на Владата. Во Благоевград нема да биде ниту првиот човек на државата Стево Пендаровски, во негово име таму ќе присуствува шефот на неговиот кабинет Миле Бошњаковски. Присутен на отворањето на клубот сигурно ќе биде лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, како и делегација на Демократскиот сојуз, која е едел од владината коалиција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста