Петков среде Рим во очи ќе му го соопшти новото европско вето на Ковачевски

Среде Рим, Петков во очи ќе му соопшти на Ковачевски дека европското вето останува забетонирано. Премиерот на Бугарија пред сребдата со македонскиот колега, порача дека за кревање на европската рампа, треба да има широк консензус, не само кај владината коалиција, туку и меѓу сите политички субјекти во Софија. Јасно е дека такво нешто во моментов нема, што уште појасно го прави и новото јунско вето.

-За укинување на бугарското вето, може да се зборува според мене само кога Министерството за надворешни работи ќе ги претстави последните резултати од дијалогот  пред сите служби. Би се радувал ако сите партии сме на КСНС околу масата и сите служби. Потоа, тој прогрес и тие чекори да се внесат во Парламентот, Парламентот да се изјасни и да даде јасна иницијатива што треба бугарската Влада да направи, затоа што тоа е најширокиот формат и најважната институција за тоа прашање, изјави Петков од Рим. 

Бугарскиот претседател Румен Радев, во Рим му одговори на Петков, за барањето да се свика Советот за национална безбедност. Порача дека такво нешто би направил, но прво сака да ги слушне ставовите на премиерот за македонското прашање.

-КСНС е орган за потпомагање на дијалогот и за барање заедничко решение во име на важни национални цели. Ако се бара широк национален консензус во однос на Македонија, не само што ќе има, туку е и силно изразен во нашето општество. Владата треба да биде свесна за тоа, изјави Радев од Рим.

Додека Бугарите се многу поконкретни во изразувањето на своите линии, ситуацијата не е таква во Македонија. Ковачевски само кратко говореше за комуникацијата која ја имал со Петков.

-Јас и бугарскиот премиер имаме редовна комуникација, која што се одвива на најразлични теми и со оглед на тоа дека и тие денеска се во Рим, ќе има средба на која што ќе разговараме за напредокот на разговорите меѓу министерствата за надворешни работи, изјави Ковачевски од Рим.

Оваа средба на Ковачевски со Петков доаѓа откако бугарскиот премиер два пати откажа договорена посета на Македонија. За последната кажа дека немало ништо конкретно договорено, па не гледал причина да доаѓа во Скопје.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста