Панова за Алфа: Прашање е дали власта воопшто ќе собере кворум да го изгласа дневниот ред, очекувана е најавата на Џафери дека нема да ги стави на гласање уставните измени

На власта и е јасно дека нема и нема да има поддршка од 80 пратеници за уставните измени, вели за Алфа пратеничката на ВМРО- ДПМНЕ Ели Панова, па според неа очекувана е најавата на собранискиот спикер Талат Џафери, дека уставните амандмани нема да бидат ставени на гласање додека не биде обезбедено двотретинско мнозинство. Вели дека Џафери ја има таа опција согласно собранискиот деловник, односно да ја остави точката да чека на неопределено време по крајот на собраниската расправа. Потенцира дека не памети дека такво нешто се случило до сега, па ако сега се случи, тоа би било доказ дека власта нема поддршка за овој процес. Според Панова сосем реална е и опцијата пратениците од овој пратенички состав воопшто да не добијат можност ниту да гласаат за измените на Уставот.

Собранискиот деловник одамна не се толкува онака како што треба, впрочем злоупотребите се случуваат секојдневно или се толкува според расположението на Талат Џафери. Знаеме дека доста често се случува иницијативи, а и закони да се одложуваат на неопределено време и нема да ме изненади овој случај да биде токму таков. Односно да се собереме на 18-ти и да видиме воопшто дали власта на СДСМ и ДУИ ќе собере кворум, со оглед на последните и тоа прашање е дискутабилно, односно дали ќе бидат собрани 61 пратеник да го изгласаат дневниот ред. Ние пратениците на ВМРО- ДПМНЕ ќе бидеме присутни и ќе гласаме против, меѓутоа што потоа? Ако се исцрпи просторот за дебата, треба веднаш да биде ставен овој предлог на гласање. Меѓутоа еве јас го најдов членот од деловникот, согласно член 165 став 1 претседателот на Собранието може расправата по предлог на законот, амандманите и други акти од надлежност на Собранието да ја заклучи и за гласањето на истите да определи ден и час кога Собранието ќе се изјасни. Меѓутоа еве и вие сте сведоци, дали некогаш тоа воопшто се има случено? Ден и час определени за гласање по ниту еден предлог закон до ден денес јас немам слушнато. Што значи дека ќе го остави на неопределено, се со цел да купат ден повеќе и да ја држат македонската јавност во неизвесност. Затоа што ако се стави на гласање и излезе дека нема 80 пратеници, за што ние еве тврдиме дека нема да имаат 80 пратеници, што понатаму? Понатаму се остава простор само за простор за предвремени избори. А јас верувам дека тоа во наредниот период нема да се случи, вели Панова.

Според Панова многу е реално сценариото овој парламентарен состав воопшто да не добие можност да гласа за уставните измени, бидејќи власта ги нема потребните 80 пратеници.

-Јас верувам дека тие нема да ризикуваат и воопшто да го стават на гласање овој предлог, затоа што немаат 80 пратеници и тоа значи дека до собирање за избори едноставно ќе немаат можност да се изгласа овој предлог. Така што ние ќе треб а да одиме на избори, а можно е никогаш да не го стават овој предлог на гласање пред оваа група на пратеници, изјави Панова.

Панова вели дека не биле убедувани од пратениците од власта да го променат ставот.

Верувајте ми дека дури и пратениците од власта не се доволно убедени за да не убедуваат нас, такво нешто нема, ниту разговараме и за нас таа тема одамна е затворена, изјави Панова.

Со пратеничката Ели Панова разговараше Матеја Петровски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста