Откако го „истуркаа“ францускиот предлог, власта не може да собере ни кворум за собраниска седница

Собранието со денови е блокирано бидејќи власта не може да си ги обезбеди своите 64 пратеници. Не може да се обезбеди кворум за одржување на седници а тоа според експертите се должи на и така кревкото парламентарно мнозинство. Оваа ситуација беше извесна уште во 2020 година, со оглед на резултатите од парламентарните избори кога двете најголеми партии освоија приближно ист број на братеници – СДСМ 46 а ВМРО-ДПМНЕ 44. Парламентарното мнозинство изнесува 64 пратеници, што е многу блиску до минимумот за кворум од 61 пратеник, и поради ова, се почесто истото е на стаклени нозе. Според универзитетскиот професор Александар Спасеновски, не се изненадување блокадите, закоченоста и неможноста Парламентот нормално да функционира.

Една од главните особености на власта, после парламентарните избори во 2020 година, е приближно изедначениот резултат помеѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, 46, и 44 пратеници. Оваа состојба резултираше со создавање на многу скромно парламентарно мнозинство од 64 пратеници  наспроти минимумот од 61. Ова резултира со блокади, закоченост. Ете и овие денови може да видиме како продолжува ваквата состојба, собраниското мнозинство не е во можност да ги извршува елементарните обврски – вели универзитетскиот професор Александар Спасеновски.

Власта не може да обезбеди просто мнозинство за одржување на седници, а уште помалку двотретинско мнозинство кое е потребно за уставни измени. За оваа постапка не се доволни ниту 74-те пратеници кои го поддржаа францускиот предлог.

Мнозинството што застана зад францускиот предлог е малку поголемо од парламентарното мнозинство кое ја поддржува Владата. Но ова значи дека бројот на пратеници кои застанаа зад францускиот предлог, 74 пратеници, оваа бројка не е доволна, потребни се 80 најмалку, ова значи дека на власта и недостасуваат најмалку 6 пратеници, значи може да заклучиме дека нема доволно големо мнозинство за постапка за промена на Устав – додава професорот Спасеновски.

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица се категорични дека нема да поддржат уставни измени, што од старт би било проблем за обезбедување двотретинско мнозинство. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период предупредува дека е започнат притисок врз дел од нивните пратеници за кој веруваат дека го прави власта да ги премисли и да го поддржат процесот за уставни измени. Според Спасеновски, потребна е цивилизациска зрелост и демократски стандарди, да не дојде до состојба на вештачко обезбедување број на пратеници, наспроти веќе изразената волја во Законодавниот дом.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста