Мицкоски му одговори на Вархеји: Помината е линијата на достоинството, единствени поминати црвени линии се продажбата на македонскиот идентитет и историја

Единствените црвени линии кои се поминаа во Македонија се грубата продажба на македонскиот идентитет и македонската историја. Вака лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски одговори на обвинувањата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со своето однесување за време на собраниската дебата за францускиот предлог, ги поминале црвените линии.

-Единствената црвена линија која што е помината е линијата на достоинството, односно помината е линијата на достоинството и нема цена, понатаму веќе нема цена, нема веќе политика, нема политичка кариера. Сега е моментот кога треба да се биде или не, таа е состојбата. Или македонскиот народ ќе опстои и ќе трае со векови и ќе го поврати изгубеното или после овие обиди ќе биде трајно асимилиран, изјави Мицкоски.

Изразува разбирање за овие зборови на Вархеји, вели тој е политичар на Европската Унија, кој сака да затвори уште едно отворено прашање на своето биро, но порача дека мора да има разбирање и за состојбите во Македонија. Мицкоски се пожали дека околу прифаќањето на овој предлог опозицијата целосно била изолирана.

-Овој пат да, морам да признаам дека во нешто се сложувам со господинот Вархеји, иако го разбирам, неговата цел не е да сочувствуа со нас, неговата цел е да си заврши работите. А наша цел е да ги одбраниме од асимилација на тие работи и затоа сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и понатаму да го штити македонскиот идентитет бидејќи единствената црвена линија која што е помината е линијата на достоинството, изјави Мицкоски.

Опозицијата останува на ставот дека референдум за преговарачката рамка мора да има. Мицкоски за Дојче Веле вели со тоа што власта избегнува референдумско изјаснување и избори, јасно покажува дека од својот народ.

-Не се сомневам дека власта ќе направи сѐ само за да не се соочи со народот. Бегаат од референдум, бегаат од избори, а суштината е дека бегаат од народот. Ако Собранието било ненадлежно, зошто тогаш носеа заклучоци… На крајот, во заклучоците стои дека Собранието ѝ препорачува на Владата да ја усвои и прифати предложената рамка. И тука нема бегање преку барање на процедурално алиби, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека повеќе детали околу тоа како би било формулирано референдумското прашање ќе има во втората половина од месец авугст.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста