Османи најави смена на Ковачевски со Албанец премиер

ДУИ уште еднаш порача дека е поголемиот партнер во Владата која само формално ја предводи СДСМ. Шефот на дипломатијата му ги одбројува деновите на Димитар Ковачевски и најавува дека на негово место наскоро ќе дојде Албанец, согласно договорот Заев – Ахмети. Како се продлабочува расколот кај Интегративците, така се зголемува и националистичката реторика. Бујар Османи се пофали со бројни успеси кои ги постигнале во изминативе неколку години.

Да почнеме со претседателот на државата кој е консензуален и ја води војската со печат што е на албански јазик. Денеска имаме Собрание што во последните шест години го водат Албанци. Всушност, имаме три парламенти во регионот кои сега се водат на албански јазик. Ја имаме Владата која за неколку месеци го чека првиот албански премиер. Во Владата има 18 министри, од кои 9 се Албанци – рече првиот дипломат, Бујар Османи.

Од партискиот собир во Чаир, Османи им порача на поддржувачите, да се потсетат на времето кога Албанците биле, како што рече, народ без јазик, без знаме и без достоинство, а сега сето тоа било променето.

„Да се ​​потсетиме малку, бевме надвор од училишта, надвор од универзитети, надвор од болниците, надвор од шалтерите… Имавме етнички полицаец кој тренираше нови полицајци на грбот на Албанецот“ рече министерот Османи.

Бујар Османи претходно порача дека и дека Албанците во минатото оделе во ОБСЕ само за да пријавуваат насилство, а сега токму тој претседавал со меѓународната организација.

Ваквите изјави доаѓаат во време кога ДУИ е поделена на два дела – Артан Груби и Бујар Османи, против фракционерите предводени од Изет Меџити. Меџити е убеден дека имаат поддршка од голем дел од албанските гласачи и нема да застанат се додека не ја извојуваат победата.

Експертите во повеќе наврати алармираа дека расколот во партијата само ќе ја зголеми националистичката реторика и уште повеќе ќе ги зголеми апетите и барањата на интегративците од коалицискиот партнер, но на крајот сепак ќе резултира со одлевање на гласови од нивното конто.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста