Нова табла во владината колекција: Цела владина свита и Груби со нова маичка се собраа да откријат нова табла, сега за Коридорот 10Д

Во присуство на целата Владина свита, со веќе видена церемонија на отривање табла, во ТИР-зоната „Алинци“ крај Прилеп, денеска помпезно беше означен почетокот на изградбата на Коридорот „10 Д“. И сценографијата на подиумот, иста како и за Коридорот 8 – автопатски линии, но овој пат со ознаки од Коридорот „10 Д“. Не изостана ни веќе видениот аутфит на Артан Груби кој денеска облече маичка со знак од актуелниот Коридор. На она што треба да биде градилиште пак, имаше само три товарни камиони и два багера. Традиционално поставување на камен-темелник, немаше.

Стартот за наводниот почеток на градежните работи, со зелено знаменце од пред штотуку откриената табла, го означи премиерот Димитар Ковачевски. Претходно, од говорницата, тој истакна дека овој коридор бил проект од стратешки и национален интерес на државата и бил траен влог и наследство за идните генерации. Ковачевски ги искритикува и поранешните министри за транспорт и врски кои биле од Прилеп, од Битола или од Ресен, а не го изградиле овој автопат.

Затоа, министер од Штип, Благој Бочварски , заедно со Ејуп Рустеми ќе го направат автопатот од Прилеп до Битола, или од Битола до Прилеп, како милуваат граѓаните. Другари и другарки, дами и господа, доста беше зборување, да се фатиме за работа“, – рече Димитар Ковачевски, претседател на Влада.

Артан Груби пак, честитките и поздравите од говорницата до присутните ги испрати на три јазици, притоа нагласувајќи дека тој веќе бил качен на возот за Брисел и ги покани и другите да го стореле истото, оти тој воз не можел никој да го сопре. А додека ваквите проекти, спред него, значеле и стоп за блокадите на патот кон евроинтеграциите.

   „Тоа што го гледате денес во Собрание и тоа што пред една недела го направи Владата на владина седница е порака дека е дојден крајот на заложништвото на Собранието, на проектите и на иднината на граѓаните. Ова парламентарно мнозинство, оваа владина коалиција од минатиот петок до денесдемонстрира како значи да се стави крај на апсолутната блокада и заложништво на иднината на граѓаните. Тоа нема да се толерира и се демонстрира дека е дојден крајот“, кажа Артан Груби, прв вице-премиер.

   Целиот денешен настан помина под силно полициско обезбедување и со неколкучасовен прекин на сообраќајот на магистралниот пат Прилеп-Битола, што предизвикуваше и револт кај некои од граѓаните кои патуваа.

  Инаку, Коридорот 10 Д треба да биде во должина од 39,3 км. Засега, се уште нема ниту готов проект, ниту траса, а не е направена ни експропријација на земјиштето.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста