Нова политичка Ера во Црна Гора – Мило Ѓукановиќ поразен на претседателските избори од Јаков Милатовиќ

Јаков Милатовиќ е новиот претседател на Црна Гора по 32 годинишната политичка доминација на Мило Ѓукановиќ. Со околу 60% од гласовите, го победи неговиот противкандидат, досегашниот претседател Ѓукановиќ. Поддржан од црногорскиот премиер Абазовиќ , Поранешниот министер за економски развој Милатовиќ ја доби поддршката од гласачите преку ветувања за подобра економска состојба и влез на Црна Гора во Европската Унија.

  • „Вечерва Црна Гора направи еден оделучен чекор напред. Кажа збогум. Пресудно збогум на овој надминат режим на Ѓукановиќ и направи чекор напред како побогата, поправедна, порамноправна, поубава и европска Црна Гора и нека ни е со среќа!“ – Истакна новиот претседател Милатовиќ.

Досегашниот претседател, Мило Ѓукановиќ истакна дека на некои избори победуваш, а на други губиш. Тој му ја честиташе победата на Милатовиќ и додаде оти бил задоволен со бројот на гласови кои ги добил, бидејќи по 30 години владеење, тоа не било едноставно.

  • „Се што се случи деновиве и деновиве покажува дека Црна Гора нема влада, дека има погрешни институции, кои и во овој процес не беа на висина на задачата. Нема да кажам ниту збор на таа тема, им честитав на изборни резултати, но институциите се покажаа како многу слаби и многу е важно по 11 јуни Црна Гора да добие влада која ќе ја води кон европската цел“ – Изјави досегашен претседател Ѓукановиќ.

Со претседателските избори се заокружува три-децениското владеење на Демократска партија на социјалистите, предводена од Ѓукановиќ. Во 1991, на 29 годишна возраст, за време на распадот на Југославија, тој бил најмладиот премиер во Европа. Во меѓувреме, постојано беше или премиер или претседател, прво како сојузник на Слободан Милошевиќ, а потоа со прозападна агенда. Под негово водство, Црна Гора се осамостои од Србија во 2006, стана членка на НАТО и ги започна пристапните преговори за членство во ЕУ. Но, неговата политичка кариера беше обележана и со обвинувањата за поврзаност со шверц на цигари и организиран криминал, иако ниту една афера не доби разврска. Падот на Ѓукановиќ започна откако неговата партија го изгуби пратеничкото мнозинство на последните парламентарни избори.

Новиот претседател Милатовиќ, кој по професија е економист, беше непартиски кадар кога стана министер за економија во владата на Здравко Кривокапиќ, кој ја порази партијата на Ѓукановиќ на парламентарните избори во 2020. По распадот на оваа коалиција минатата пролет, Милатовиќ го формираше движењето „Европа сега“ и стана резервен кандидат за претседател. Тоа се промени откако се дозна дека првиот избор, Милојко Спајиќ има српски пасош.

На претседатеслките избори излезноста беше 70 проценти од вкупно запишаните 550.000 гласачи, а Милатовиќ е трет претседател на Црна Гора од осамостојувањето до денес.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста