Матарела во официјална посета на Македонија: Италија давала и ќе дава поддршка на патот кон ЕУ

„Без земјите од Западен Балкан Европската Унија нема да биде целосна“ – ова е пораката која ја испрати италјанскиот претседател Серџо Матарела. Уверува дека Италија е силен поддржувач на македонските евроинтеграции но забележа дека првата фаза од почетокот на преговорите со ЕУ започнала со задоцнување и тоа не било разумно.

Сакам јавно да подвлечам дека го цениме трпението и напорот што Северна Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и на планот на подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред кои Италија секогаш ги следеше и ги поддржуваше и во своите односи со Софија. Унијата е наша заедничка иднина, тоа е наше убедување, што секаде го кажуваме. Без влезот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, Унијата нема да биде целосна и има потреба од овој влез за комплетирање за навистина да биде интегриран целиот континент – изјави претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Посетата на Матарела која се случува по 23 години од последната посета на некој италјански претседател беше одбележана со највисоки државни и воени почести. Негов домаќин беше претседателот Стево Пендаровски во вила „Водно“.

Но пораките кои ги испратија двајцата претседатели не беа само во фокусот на политиката туку и на енергетската криза и мерките на Европската Комисија за намалување на последиците. Матарела потенцираше дека ставот на Италија е дека ЕУ мора да изнајде механизам да им помогне на земјите од Западен Балкан во справувањето со енергетската криза. Македонија, како што информираше Пендаровски, побарала да може да користи дел од овие мерки, заедно со другите земји од Западен Балкан.

Слично како за вакцините кога имаше паневропски систем за дистрибуција на вакцини, и овој пат, ние веќе предложивме, на сличен начин Унијата да ни помогне, нам од Западен Балкан, Матарела рече дека ќе се заложел за истиот пристап, најголемите држави не можат да се справат со оваа криза, Италија е во најмоќните 7, но сепак сите земји имаат потешкотии да се соочат со енергетската криза – изјави претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

Мерките кои ги предложи Владата за справување со енергетската криза, спроед Пендаровски може да зависат од истрошените капацитети и старата опрема, што е лимитирачки фактор, и затоа алтернатива ќе биде помошта од ЕУ, доколку Македонија ја добие.

Пред обраќањето на Пендаровски и Матарела, делегациите и другите присутни оддадоа почит на кралицата Елизабета Втора со едноминутен молк.

Италјанскиот претседател се обрати и пред пратениците во македонското Собрание каде изјави дека Италија секогаш ќе и биде поддршка на Македонија на патот кон Европа. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста