Македонската економија на апарати, прокнижениот раст и не е раст

Ниту има економски раст, ниту пак граѓаните и фирмите имаат пари. Зголемениот БДП од 2,4% е резултат на инфлацијата. Експертите алармираат – бројките воопшто не се добри бидејќи нискиот раст бил остварен кога кризата се уште не земала замав, а инфлацијата била пониска. Поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ, очекува уште полоши резултати за вториот квартал. Сосема било извесно економијата да има пад во периодот од април до јуни и да влезе во рецесија во втората половина од годината.

„Во првиот квартал ние очекувавме многу повисок БДП. 2,4% во првиот квартал кога немаше толку висока инфлација и кога немаше војна всушност не е ништо добро. Не е никаков добар резултат. Тој резултат е полош од оној кој ние го очекувавме. Ефектите од повисоката инфлација и војната во Украина допрва ќе ги видиме. Во првиот квартал тоа не го видовме, војната во Украина почна на крајот на февруари, па првите два месеци беа ок. Она што се гледа во април е дека има намалено индустриско производство од 4%, што е висок пад, исто и трговијата на мало има пад од 2%, исклучувајќи ги горивата. Во април економијата не е воопшто во добра состојба. Може да имаме пад на БДП дали во вториот квартал или во остатокот од годината“ – вели Бранимир Јовановиќ.

Цените мора да се ограничат за да се спречи галопирачката инфлација која достигна 12% – апелира Јовановиќ. Вели ако има антикризни мерки, инфлацијата колку толку може да се држи под контрола. За најавите на министерот за економија Крешник Бектеши за намалување на профитните маржи во производството и трговијата од 5 и 10% и укинување на некои давачки при увоз, Јовановиќ коментира дека овие мерки нема да бидат доволни. Според него, мора да има построги контроли и замрзнување на цените. Дополнително бара Владата да има конзистентни мерки, а не постојано да ги менува, за граѓаните и фирмите да знаат што ги чека и да се подготват за промените. Само така дизајнирани, тие ќе го постигнеле посакуваниот ефект.

Аналитичарите очекуваат инфлацијата да се разгори во јуни и да достигне 15%, бидејќи месецов беа укинати претходните антикризни мерки. За новите, Владата ќе одлучува наредната недела. За да се олесни ценовниот удар, фирмите побараа Владата да се откаже од дел од ДДВ и акцизата, да ги активира стоковите резерви, да ги олесни процедурите за поставување фотоволтаици, да го зголеми производството на храна и струја и други.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста