Немаше кворум за расправа за пожарот во тетовската модуларна болница и за автобуската несреќа на „Беса Транс“

Скандал во Собранието. Власта не се порајви на седницата на која требаше да се расправа за пожарот во тетовската болница и автобуската несреќа во Бугарија. Ниту СДСМ, ниту ДУИ не дојдоа на комисијата на која требаше да се отвори дискусија за ужасните трагедии кои однесоа жртви. Опозицијата го обвини мнозинството дека намерно била закажана седницата за уставните судии во тој термин за да се тргне фокусот од дебатите за несреќата. Според вмро-дпмне неприсуството на мнозинството оди во прилог на заташкување на сучаите.

  • Не постои по морбидна смрт од жив човек да изгори. Да, ние не сме истражен орган, но до денес не слушнавме што се случи со двете несреќи. Морбидноста се преселува и во Собранието бидејќи мнозинството не најде можност да дојде и да расправаме за тоа. Ќе ја стивнете Анкетната комисија за никогаш да не се дознае што се случи со двете несреќи, рече Мизрахи.

Власта не дозволува да расправаме за информацијата за сообраќајната несреќа на автобусот на Беса транс и несреќата во модуларната болница во Тетово во кои загинаа 60 лица, обвини претседателот на Комисијата за заштита на слободите и правата на граѓаните, Халил Снопче. Рече дека поради отсуство на пратениците од власта комисијата немаше кворум за расправа.

  • За жал власта одлучи да не дојде и да не обезбеди кворум за да нема дебата за точки кои ги засегаат човековите права. Комисијата е нефункционална поради блокада од власта. Власта прави кворум кога станува збор за делење тендери, задолжувања и отворање на казина, но не и кога треба да расправаме за трагедиите со 60 жртви, рече Снопче.

Фадил Зендели од Беса рече дека двете несреќи се прашања што не допираат длабоко во нашите срца, но и во работата на институциите. Тој ја обвини власта дека таа бојкотира но и дека бега од одговорност.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека како што собранискиот спикер Талат Џафери неодамна избегал од расправа за повреда на етичкиот кодекс, сега власта бега од расправа за несреќи во кои имаше човечки жртви.

  • Тоа значи ја гледа својата одговорност, свесна е дека има некој меѓу нив кој е виновен и затоа не сака македонската јавност да ја чуе вистината, изјави Панова.

Власта, како што нагласи, блокира разгледување на прашања кои се со човечки жртви.

  • Скандалозна е денешната постапка, како што избега претседателот на Собранието од расправа за прекршување на Етичкиот кодекс минатата недела, така власта повторно избега денес од разгледување информации за жртвите во автобуската несреќа во Бугарија, каде 46 лица го загубија животот, жртвите во модуларната болница во Тетово, нагласи Панова.

Инаку, во автобуската несреќа во Бугарија со автобусот на „Беса транс“ лани во ноември, загинаа 46 лица, а во пожарот во модуларната болница во Тетово исто така лани во септември, животот го загубија 14 граѓани.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста