Магла  и смог го задушија Скопје и други делови од земјава, пак сме меѓу најзагадените делови од светот

Новата Година не донесе чист воздух.  Половина држава се гуши во чад, смог  и магла., Според официјалните мерни станици, синоќа околу полноќ во Скопје секаде беше над максимално дозволените граници. Најзагадено беше во Центар со регистрирани 152 микрограми на метар кубен, Ѓорче Петров 120 и Лисиче 116.  Ништо подобро не е ни денеска. Според светската листа на најзагадени градови во светот, Qair   концентрацијата на PM 10 честички во Скопје изнесува 138 микрограми на метар кубен, а во одредени општини и до 185 ПМ 10 честички во воздухот според апликацијата „Мој Возудх“ . 

Поради густата магла и намалената видливост вчера и денес беа одложени повеќе летови од скопскиот аеродром, а голем дел од летовите беа пренасочени кон аеродромот во Приштина, по што , со неколкучасовно задоцнување слетуваа во Скопје. Утрово редовните летови од Истанбул за Скопје доцнеа по најмалку два часа.

Загадувањето беше алармантно и на новогодишната ноќ, па и огнометот кој го означи доаѓањето на Новата година од градскиот плоштад  во Скопје  се изгуби во мешавината од гад и магла.

Министерот Насер Нуредини, уште предновогодишно, топката ја префрли кај локалните самоуправи. Воздухот во Скопје го загадувале старите автомобили и тој не можел да направи ништо во врска со тоа освен да предложи мерки, а граѓаните повеќе требало да се греат на струја . Тоа што се најдовме на врвот на листата најзагадени градови во светот, за Нуредини не е вредно за коментар зашто биле мерења на некоја приватна апликација.

Централната власт не може да интервенира во локалната власт, ова го пишува во Уставот на нашата држава. Можеме да предложиме какви мерки може да преземе локалната власт. Вчера разговарав со Град Скопје и рекоа дека веќе почнале да преземаат различни мерки. Сега, за јавниот превоз на градови или општини не можам да одговарам, барам од сите општини….“, вели Насер Нуредини на 27. 12. 2022

И не само во Скопје, тешко се дише речиси и низ цела држава. Во Кичево попладнево измерени се 186 ПМ 10 честички, во Тетово 148 , Прилеп 131, Струмица 125, Битола 109 и Гостивар 102.

Ама црвениот аларм дека нивото на загадување е опасно по здравјето изгледа не е толку опасно за Владата. Од  петокот престанаа  да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање во Скопје , затоа што во последователни два дена концентрациите на ПМ 10 честички биле под алармантното ниво од 150 мг на метар кубен.  Од денес на сила  повторно стапуваат мерките во Тетово и Гостивар бидејќи на 31 и на 01 е измерена над 150 микрограми на метар кубен концентрација на ПМ 10 честички во возухот.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста