Ковачевски ги „распродава“ клучните министерства за да си ја спаси власта

Премиерот Ковачевски дава клучни министерски позиции во замена за спас на Владата и парламентарното мнозинство кое ќе се засили за само четворица пратеници, ако Алијанса за Албанците влезе во коалицијата а Алтернатива ја напушти.  Преговорите за проширување на мнозинството се пред сам крај а денеска се очекува Алијанса да ја донесе конечната одлука, по понудата на Димитар Ковачевски за челните места во Министерството за здравство, правда и вицепремиерско место или министер за информатичко општество. Вечер ќе заседава и високото раководство на социјалдемократите каде лидерот на партијата ќе им соопшти на членовите детали од преговорите.

Дека е неизвесно останувањето на Алтернатива во Владата, покажува и одговорот од кабинетот на претседателот Африм Гаши. Конечна одлука ќе донесат дури откако Алијанса официјално се приклучи кон владата.

Партиските органи ќе донесат конечен став откако ќе се формализира новата коалиција – информираа кратко од Алтернатива.

Таравари би требало да ги добие Министерството за правда, каде на местото на Тупанчевски, ќе дојде актуелниот член на ДИК, Кренар Лога. Ќе го добијат и здравство, каде на местото на Беким Сали од Алтернатива, ќе дојде инфектолог Фадиљ Цана. 

Во зависност од одлуката на Алтернатива дали ќе остана во Владата или не, може да добијат и трето министерско место, она во информатичко општество каде што шеф е Адмирим Алити. Ако партијата на Африм Гаши реши да остане во власта, тогаш можно вицепремиерското место за економски прашања да го загуби Фатмир Битиќи од СДСМ, за да бидат задоволени барањата на Алијанса за Албанците. Алијанса ќе добие и заменици во земјоделство и одбрана, а и двајца државни секретари, во труд и социјала и уште еден ресор кој дополнително ќе биде утврден. Се шпекулира дека директори ќе добијат во Пошта на Македонија, Мепсо, Джравниот просветен инспекторат, Агенцијта за управување со одземен имот, заменици директори во Царина, УЈП и ЕСМ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста