На повидок нов бран поскапувања?! Владата размислува да ја укине субвенционираната струја за компаниите

Од наредниот месец може да има нов бран поскапувања. Владата размислува да ја укине сувенционирната струја за производителите на храна, зашто тие не ги намалија цените како што се очекуваше. Ова би значело враќање на зголемените трошоци и нов изговор за нови поскапувања.

Поевтината идустриска струја по се изгледа ќе секне за компаниите кои никако да ги поевтинат производите. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Владата размислува повеќе да не важи мерката за поевтина струја за домашните компании и производители кои ги разочараа очекувањата на граѓание.

  • Во случај да нема дополнително намалување, ќе се укине поддршката од страна на Владата. Целта по барање на стопанските комори беше да се намалат цените и очекуваме да се намалат до процентот што е договорен меѓу компаниите и Владата, рече Бектеши.

Според Бектеши, ако компаниите и наму си тераат по свое и не ги намалат цените на производите „подобро тие пари да се насочат кон граѓаните“.

  • Подобро е тие средства да се насочат кон тие што имаат поголема потреба од нив, кај граѓаните. Има одредено намалување на некои производи, од 7% до 12%. Некои производители намалија во овој опсег, а за жал некои не, па овој месец треба да имаме извештај од Државен пазарен инспекторат и врз него ќе се донесат одредени одлуки. Можно е одлуките да бидат селективни, односно за оние што нема да ги намалат цените мерката за субвенционирана струја да не важи. За тие што намалиле и се потрудиле да им излезат во престрет на потрошувачите, мерката ќе продолжи да важи, заклучи Бектеши.

И додека граѓаните со душа чекаа поевтинување на прехрамбените производи, во државата нема институција, односно инспекција надлежна да ги следи цените на  производите во маркетите. Државниот пазарен инспекторат е надлежен само контрола на маржите кои треба да бидат ограничени од 5% до 10% и тоа на продуктите кои се опфатени со владината одлука за леб, шеќер, масло за јадење и млечни производи, рече директорот на инспекторатот Горан Трајковски.

Од 1 декември 150 производители на основни прехранбени производи добија фиксна цена на струјата од државата. Но наместо поевтинување на производите, дел од нив рекоа дека струјата им била само еден од влезните елементи кој учествува во формирање на крајната цена. А токму цените, наместо да се намалат, тие само во Македонија, секојдневно бележат поскапување.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста