Кирил Петков по примерот на Зоран Заев – купувал пратеници за останување на власт, обвинува Слави Трифонов

Партијата на Слави Трифонов кој ја напушти владината коалиција е пред распад  брифираат за Алфа извори од бугарското Собрание. Осум   пратеници од пратеничката група на Има таков народ предводени од министерот за спорт, Радостин Василев, преминуваат на страна на Кирил Петков. По сценариото што се случуваше во македонското Собрание за гласање на уставните измени, и Петков за да ја спаси премиерската фотеља успеал да се испазари со осуммина народни избраници, велат нашите извори.

Трифонов експересно се огласи на социјалните мрежи откако излезе информацијата за „купените“ пратеници. Им порача дека никој не ги сака предавниците.

-Штотуку добив информација дека пратеници од „Има таков народ“ ќе ја напуштат нашата пратеничка група. И ќе ги поддржат Кирил Петков и Асен Василев. Најверојатно се купени со пари и постови. Не мора да бидам гатачка за да знам дека ќе кажат многу лаги и измислици во стилот на Кирил и Асен, само за да ги оправдаат своите постапки и да ја смират својата грижа на совест. Но, предавството е предавство и никој не ги сака предавниците, напиша Трифонов.

По хаосот во парламентот претседателот Румен Радев ги повика пратениците да носат разумни одлуки и да не заборават на нивната одговорност.

Состојбата во државата налага партиите застапени во парламентот да не дозволат противречностите меѓу нив да ги засенат интересите на државата и на Бугарите. Затоа очекувам и Владата и пратениците, одлучувајќи за сопствената политичка иднина, да не ја заборават големата одговорност кон граѓаните , изјави Радев.

Распадот на партијата на Трифонов доаѓа откако тој одлучи да ги повлече своите четворица министри а за тоа вели имало две причини – темата Македонија и непочитувањето на коалицискиот договор. Го обвини Петков дека ја заобиколувал Теодора Генчовска и сам и навестил на ЕУ кревање на ветото, што според него било национално предавство.

Генчовска и останите тројца министри веќе ги депонираа оставките до кабинетот на Петков. Сепак иако оставките се доставени сите министри од партијата на шоуменот Слави Трифонов ќе продолжат да ги извршуваат своите функции до изборот на нивни заменици кој не е утврден со никакви рокови.  Од Софија се уште нема информација кој би бил заменик на  Генчовска и останатите тројца министри, ниту пак од кабинетот на Петков има некаква реакција околу распадот на коалицијата но и парлемнтарното мнозинство кое е доведено во прашање.

Инаку четворица министри во ваков клучен момент за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и одлуката по бугарското вето го напуштаат бродот на Кирил Петков. Бугарскиот премиер навести дека и покрај ваквиот дебакл после шестмесечно владеење сепак ќе се одржи на власт преку формирање на малцинска влада.

Но дали ваквата ситуација во Софија најавува дека бугарските политичари си најдоа алиби за продолжување на блокадата за македонските интеграции? Кулминација на политичката криза во Софија се поизвесно навестува дека ветото останува и во јуни. Експертската јавност веќе коментира дека ваквото сценарио е само во полза на Петков затоа што вака има оправдување пред европските челници дека во услови на политичка криза нема мандат да одлучува сам за кревање на ветото.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста