Инциденти кои можеа Македонија да ја однесат во меѓуетничка криза- Спасовски не чувствувал одговорност, директорот на БЈБ вели имало полицајци, ама од лош агол сме снимале

Најмалку тројца вооружени лица, истрел од огнено оружје, 10 минутна канонада со камења, вака вчера кај плоштадот Скендербег, беа пречекани луѓето кои протестираат против францускиот предлог. Се случи инцидент кој можеше да ја турне државата во уште поголема криза, сега меѓуетничка. Додека од секаде летаа камења, цели 10 минути не можеше да се види полициска реакција.

Снимките велат едно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски друго. Полицијата имала брза реакција, имало доволно полициски службеници, кои спречиле поголем инцидент.

-(Министре вчера дали имавте погрешна оперативна проценка не знам, меѓутоа после таква слаба реакција на полицијата во прв момент. Јас на ваше место не би се појавил на настанов туку би си дал оставка, дали размислувате за оставка?) Јас одговорив веќе на ова прашање, таму имаше доволно служби и полициски службеници и не дозволија да се случи било каков инцидент. (Зошто немаше поголемо присуство на полицијата кога знаеме дека е реално црвена точка, сите знаеме и мало бебе знае.) Имаше доволно присуство на полициски службеници, изјави Спасовски.

Бидејќи снимките го демантираат министерот, новинарите решија да покажат видео каде што едвај може да се најде полицаец, па тука не дообјаснуваше директорот на Бирото за јавна безбедност. Сашо Тасевски вели поради аголот од кој сме снимале не сме можеле да ги видиме полицајците.  

-(Снимивме кога се фрлаа камења немаше доволно) Значи полициски службеници имаше доволно. (Може да ви покажам видео колку имаше полициски службеници?) Ние веќе го објавивме тоа видео. (Еве уште едно видео ако сакате ќе ви покажеме), изјави Спасовски

-(Еве колку полицајци имаше на видеово во овој момент?) Тоа видео, тоа видео. (Оди во живо додека се тепаат) Тоа видео од одреден ваш агол, кај што не се гледаат сите полицајци, таму има во цивил полицајци. (Како реагираа тие?) Еве гледате. (Па не гледаме) Па за тоа зборам, изјави Тасевски.

Полициските функционери одговорност изгледа не гледаат само кај себе, за вчерашниот инцидент виновни биле оние кои протестирале, барем според директорот на БЈБ.

-(Ако има нови меѓуетнички тензии дали ќе има ваша или ваша одговорност?) За меѓуетничките тензии одговорни се и протестантите значи овој инцидент они го предизвикаа. Ние сме таму да го чуваме (Да не дозволите) Да апсолутно, изјави Тасевски.  

Поради овој инцидент во текот на вчерашниот ден приведени биле пет лица, а меѓу нив само еден од вооружените, додека другите двајца биле идентификувани.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста