Инфлацијата ги „нагриза“ парите од „ТАВ“ за водоводна линија во Штип

Стартува изградбата на водоводна линија 2, со која Штип трајно ќе го реши проблемот со водоснабдувањето во повисоките делови на градот.  Средствата за нејзина изградба Штип ги доби со распределба на 35те милиони евра, откако ТАВ се откажа да гради карго аеродром. Но инфлацијата си го направи своето. 1,2милиони евра сега не се доволни за целосна реализација на проектот

„ Од проценките и пресметките кои ги добивме, за да се стави во функција оваа главна водоводна линија со двата резервоари, ќе се потребни дополнителни 1,5 до 2милиони евра кои во моментот ние ги немаме, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Со кофинансирање во целиот проект ќе се вклучи и општината. Се планира средствата што им недостигаат да ги барат од Министерството за животна средина. Станува збор за фонд од Европската инвестициона банка, кој се користи исклучиво за проекти наменети за водовод и канализација.

„Се надевам дека средствата коишто ни припаѓаат нам како општина ќе можеме да ги обезбедиме за да ја финализираме линија 2, за да сепак граѓаните имаат крајна корист од она што години наназад го заговраме, комуницираме и најавуваме дека конечно ќе се реши како потреба и проблем, изјави Јорданов.

Водоснабдувањето во Штип е сериозен проблем. Поради старата и дотраена мрежа се случуваат дефекти, а во летниот период половина град  често останува без вода. За да се реши проблемот   локалната самоуправа спас гледа во парите од самопридонесот. Ќе бара од граѓаните на референдум да се изјаснат дали се согласни, средствата од 1милион евра да се пренаменат за нејзина реконструкција.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста