Николоски: Во ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден пратеник кој е спремен да гласа под бугарски диктат

Власта го започна процесот на уставни измени, но, се уште нема никакви изгледи дека процесот ќе го заврши успешно. Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ со непроменет став. Дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени и поради тоа, тие нема да се случат, повторно стигна потврда од потпретседателот на партијата, Алксандар Николоски. Тој во интервју за неделникот „Фокус“ додава дека и самата процедура која ја турка власта е спротивна на закон и Устав.

  • „Прво се формира уставно мнозинство од двотретинско мнозинство во Собранието, коешто треба да изгласа потреба за уставни измени. Потоа, се формира уставна комисија во рамки на Собранието, којашто утврдува предлог-текст. Тој предлог текст се враќа назад во Собранието и се усвојува со 61 глас, па повторно оди во уставната комисија која е задолжена да спроведе јавна дебата. Финалниот текст го враќа на финално усвојување во Собранието, за кое исто така е потребно двотретинско мнозинство.“ – Појаснува Николоски.

Тој смета дека со вадењето на процесот од институциите и пропишаните процедури, Власта покажува оти нема чесни намери и дека се обидува да го манипулира целиот процес на уставни измени.
За најавите на Артан Губи и Стефан Богоев, оти во ВМРО-ДПМНЕ имало пратеници кои ќе гласаат за уставните измени, Николоски тврди дека помеѓу нивните редови нема ниту еден кој ште е подготвен да гласа под бугарски диктат.

  • „Се работи за истата композиција на лажни вести од несериозни ликови. Доколку власта имаше уставно мнозинство ќе ги поднесеше уставните измени во Собранието и истите ќе се изгласаа. Го прифатија бугарскиот диктат минатиот јули, сега сме април, поминати се девет месеци и можеа 900 пати да ги донесат уставните измени. Имајќи предвид дека немаат мнозинство, затоа не ги праќаат во Собранието.“ – Додава Николоски.

Засега власта ги претставува уставните измени со слоганот „За или против ЕУ“. Реторика која може да предизвика нови поделби помеѓу граѓаните и политичките идеји, во моменти кога за истите им фали крупно парламентарно мнозинство. Во работната група, формирана од министерството за правда има и 13 членови, но, ниту еден од нив не е од опозицијата која одбива да учествува. Но, и покрај тоа, Правда очекува списокот на учесници во работната група да се прошири.

Групата за прв пат треба да состане и да почне со работа од идната недела. Задача која веројатно нема да им оди лесно, имајќи во предвид дека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија одговорност за секој еден кој ќе земе хонорар од народот, а ништо нема да сработи, затоа што обидите за уставни измени ќе пропаднат.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста