Зошто Бугарија ги бара архивите од комунистичкото минато?

Македонци кои се бореле за Македонија, кои биле против комунизмот, за време на СФРЈ биле прогонувани и судени под изговор дека работеле за Бугарија и биле следбеници на фашистичкиот соработник Ванчо Михајлов, само за да тогашните власти најдат оправдување за строгите казни и прогони. Бугарија со барањето да се отворат овие архиви сака да го злоупотреби овој факт и да докаже дека тие всушност биле Бугари, што е далеку од вистината.

Експертите сметаат дека Бугарија точно веќе знае што ќе бара со отворањето на архивите на разузнавачките служби и затоа инсистираше тоа да влезе во протоколот. Затоа што нема законска можност за нивно отвoрaње, можно е како и во 98-ма и 99-та така и сега тоа да се направи со политичка одлука. Професорот по безбедност Злате Димовски тврди дека во тој период немало ниту еден осуден Бугарин за таков тип на делување.

-Не верувам дека имало прогонувано Бугари заради бугарската кауза, но верувам дека одредени луѓе сакаат низ призмата на покажување на тоа дека се жртви да се покажат блиски до Бугарија за да искористат одредени бенефити. па во тој контекст покажувајќи дека можеби нивните предци биле прогонувани , па да се прикажата како жртви и да добијат бенефити од таа држава, вели професорот Димовски во изјава за Алфа.

Бугарија долго време тврди дека во времето на комунизмот во Македонија имало прогон на луѓето со бугарска национална самосвест, но Димовски вели дека тоа не е вистина.

-Бугарија долг период работи на тоа преку институции, односно преку  идентификување на одредени лица кои наводно биле за бугарската кауза, но Македонија со сите сили едноставно ги попречувала во нивните активности  па дури и превземала поригорозни мерки, што дефинитивно тврдам дека не е вистина, туку напротив се она што било превземано е во рамките на законските обврски на службите, па дури и во поблага форма од онаа што ја превземаат другите странски контраразузнавачки служби. Според тоа воошто не биле преминати тие црвените линии што би значело дека нешто е правено исклучиво према Бугарија, категоричен е Димовски.

Откако стави параф на билатералниот протокол, македонската влада се обврза во рок од една година „да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година“.

Инаку досиејата на тајните служби од времето на комунизмот веќе еднаш беа отворени во периодот на лустрацијата. Голем дел од документите се уништени, дел се во Белград, дел и разграбани.  

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста