Преку сузбивање на говорот на омраза ќе се штитат чувствата на Бугарите – експертите критикуваат

Новинарските текстови не смеат да се цензурираат. Цензурата е намера, тенденција  да се омаловажи некој, а не чисто пренесување на факти и интерпретација на говори. Комуникологот Бојан Кордалов вели дека новинарите мора да ја задржат слободата на говор, бидејќи тоа е одлика на секоја демократска држава. Тој смета дека со оглед на тоа што Бугарија е членка на Европската Унија, просторот за цензура на новинарите би требало да биде значително стеснет.

„Онаму кадешто има слобода на говор, говор на омраза нема и тоа е основното правило. Јас сум уверен дека зборуваме за Европска Унија и сум уверен дека спроведување на било какви протоколи и договори ќе бидат в осклад со меѓународното право и меѓународните договори кадешто не може и не смее да има простор за цензура. Тоа е првата работа. Меѓутоа, нагласувам, дека слободата на говор, слободата на мислата остануваат непрокосновени и тоа не зависи од никој, ниту од вас, ниту од мене, туку зависи од цивилизацискиот напредок на којшто сме “ – вели Бојан Кордалов – комуниколог.

Потпишаниот Протокол со Бугарија ги разгневи и културните работници. Во делот за говор на омраза јасно стои дека новите книги, филмови, уметнички дела не смеат да ги навредат националните чувства на Бугарите, а за тоа ќе треба да потпишат и писмена изјава. Се уште не се знае дали ќе има и цензура на веќе објавените творби како на пример филмовите „Трето полувреме“ и „Ослободување на Скопје“ или пак песните „Бисер Балкански“, „Кога падна на Пирина“ и многу други. Според Кордалов секојдневното „чешлање“ на ваквите творби нема да вроди со плод. Напротив, ќе ги врати двете земји на почеток.

„Кога се воведува нешто ново треба да се базира и постави на јасни темели, бидејќи ако навлеземе во секојдневна проверка, анализа на тоа што државата контролира и дозволува да се прави, што се смета за добро или лошо и ако тоа се прави под влијание на јавноста од едната или од другата страна, мислам дека процесот ќе биде многу помалку успешен отколку што би бил кога јасно би се дефинирале правилата“ – вели Бојан Кордалов – комуниколог.

Ќе треба да се спречува и недобронамерна пропаганда од институции, агенции, фирми и граѓани, а директорите, градоначалниците, министрите и другите функционери ќе треба „да го мерат“ секој збор за Бугарите да не се навредат. Комуниколозите апелираат власта делот за говор на омраза во Протоколот , добро да им го претстави на граѓаните за да се разрешат сите дилеми час поскоро.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста