Возможно само во Македонија: Од колекционер на функции до освестен Бугарин кој бил дискриминиран- кој е Ѓорѓи Трендафилов?

За рубрика верувале или не. Колекционер на високи државни функции во Македонија, но и човек кој се жали по странски институции дека е стигматизиран и дискриминиран Бугарин токму во Македонија. Ваква ситуација изгледа е возможна само во државава и во случајот со Ѓорги Трендафилов. Тој има богата политичка кариера полна со и повеќе од респектабилни политички позиции зад себе.

Беше портпарол на Министерството за одбрана, во периодот на вооружениот конфликт во 2001-ра, еден од главните кои секојдневно ја информираа јавноста за развојот на ситуацијата. Беше портпарол и на Владата, а портпаролската функција ја извршуваше и во својата партија ВМРО Народна, каде беше и партиски претседател.

Во својата богата биографија Трендафилов може да си запише и едно директорување во Дирекцијата за заштите и спасување, а беше и пратеник во Собранието. На функција е и ден денес, претседател е на Националниот Комитет на ГДУ на Петар Колев

Кога ќе погледнете биографијата на Трендафилов, сигурно ќе си помислите дека станува збор за човек од таканаречената политичка елита. Но сепак човекот со десетина високи политички функции во Македонија, за кои само може да сонува еден обичен човек, се жали дека бил стигматизиран и дискриминиран Бугарин, токму во Македонија. Тој за своите права се бори пред македонскиот претседател, министерот за надворешни работи, а за односот кон него како Бугарин се жали и пред Европската Унија.

-Прашањето за човековите права се растегнува со децении во земјата, посебно тоа е интересно кога доаѓа мисија на ОБСЕ, кога имаме некаков флагрантен пример кој ќе заврши на насловните страни на печатот, но мислам дека ниту еден случај не завршил позитивно, за што и не ни треба да бидеме изненадени. Судовите не реагираат по претставките затоа и ги нема, изјави Трендафилов.

Трендафилов се жали и дека тој како Бугарин бил мразен од македонските граѓани, од кои со години преку своите функции заработуваше и повеќе од високи плати.

-Омразата е она енергија која обединува повеќе од нас во македонското општество. Во голема мера тоа сигурно се должи на фактот дека ние како држава сме исклучително сиромашни. Значи ние сме индивидуално на дното на некаков социјален и економски статус во Европа и нас ни е потребно да имаме непријател, без разлика дали е реален, изјави Трендафилов.

Во периодот додека беше во Министерството за одбрана, дискриминираниот Трендафилов учествувал на голем број меѓународни мисии и обуки и претставува еден од можеби малкумината кои од оваа држава добиле голема шанса самите да се надрградуваат. Следејќи го примерот на Трендафилов, сигурно голем број македонски граѓани би посакале да бидат дискриминирани и стигматизирани во државава.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста