Во Грција нападнат македонски православен свештеник Никодим Царкњас

Притисоци и заплашување на македонски свештеник во Грција. Архимандритот Никодим Царкњас неодамна бил нападнат во Воденско, Егејска Македонија. На пат кон дома две возила му го попречиле патот и започнале да го напаѓаат со верски и лични навреди.

  • „Застанаа пред автомобилот и ме нападнаа со погрдни зборови на грчки. Ме нарекуваа Скопјанец, ме пцуеја и други пострашни работи. Јас се заклучив внатре а тие пробаа да влезат и го скршија прозорецот. Ама јас тргнав со колата и мораа да се тргнат од патот. Им реков сега ќе видите, ќе одам право во полиција и отидов во полиција.“ – Вели архимандритот Царкњас.

Додава дека за среќа, успеал навремено да се заклучи во автомобилот, па напаѓачите не успеале да го повредат, но, направиле голема штета на возилото. Тој поднел приватна тужба против насилниците, но, нема верба во грчките институции и правосудни органи.

  • „Не верувам во грчките судови, тие не судат правично, судат национално и знам што се до сега судовите мене не ми правеа“ – вели Царкњас.

Бројни македонски здруженија го осудија инцидентот – Обединетата македонска дијаспора, Сојзот на децата бегалци Македон, Светскиот македонски конгрес. Тие бараат од полицијата и судовите во Грција да преземат најстроги мерки за оние кои го нападнале архимандритот, а од властите во Македонија да се заложат за почитување на малцинските права во соседните земји.

Сепак, со серијата билатерални договори Македонија си ги врза рацете бидејќи и се откажа од нашинците преку границите. Во Преспанскиот пишува дека Македонците кои живеат кај нас и оние во Егејскиот дел од Македонија не се ист народ.

Инаку, архимандритот Никодим Царкњас е голем поборник и активист за македонците под грчка власт. За неговите заложби бил осудуван, а лежел и затвор. Во 91та е исклучен од грчката православна црква, а во родното село има изградено храм кој е еден од ретките каде се проповеда на македонски јазик.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста