Владата наложи сите фурни задолжително да печат бел леб, тие најавуваат тужби

Од утре ќе има леб по 33 денари, а пекарите финансиската штета ќе ја бараат на суд. Откако Владата преку ноќ без дискусија одлучи да ја замрзне цената на лебот и ги стави во ќор сокак производителите, со нова Одлука ги принуди да произведуваат и дистрибуираат 80 проценти од количината на леб која ја произведувале во декември.  Пекарите реагираат дека  чекорите на Владата се неуставни и незаконски, но во интерес на граѓаните ќе почнат да го  дистрибуираат лебот по утврдената цена , а милионската сума штета, како што велат, ќе бараат да им биде исплатена по судски пат.

Пекарите се согласија со одлуката од утре да се започне со испорака на одредени видови на леб зависно од можностите на секоја пекарница за да може да се излезе во пресрет пред се на граѓаните, но и да се остане во периодов на погрешни одлуки кои ги носи Владата со несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија. Индустријата ќе ги почитува мерките но ќе си ја бара штетата по правен основ, рече Горан Малишиќ од Пекарско мелничарска индурстуја.

Принудното производство, за Ковачевски е Одлука која ја носеле за никој да не се богател на грбот на граѓаните.

И не поминаа ни 24 часа од оваа одлука,  Премиерот најавува нов чекор- можно е замрзнување на цените на останатите основни прехранбени производи.

Во Министерството за економија се прават анализи во однос на цените и на други основни прехранбени производи. Така што, во блиска иднина можно е да следува замрзнување на цените и на други коишто се сметаат за основни прехранбени производи, рече Ковачевски.

 Додека траат препукувањата помеѓу компаниите и Владата , граѓаните и денеска немаа каде да купат леб , нервозни се поради тоа што нема решение и почнаа да го приготвуваат дома.

Ситуацијата со празните равтови наликува на 90- тите , критикува опозицијата. Граѓаните немаат леб поради грешните политики на власта .

За жал, егзибиционистичките и лошите политики на оваа Влада, големата инфлација, рекордна во Европа, Македонија има двојно повисока инфлација споредено со ЕУ, доведе до тоа, покрај тоа што пред неколку месеци имаше редици за нафта и бензин, денеска да имаме празни рафтови за леб, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Равтовите каде стои лебот во маркетите се празни веќе трет ден откако Владата ја замрзна цената на 33 денари, а пекарите здружено одлучија да престанат да го произведуваат.  Владата очигледно е горда на своето решение , па Премиерот Ковачевски, заедно со Министерот за Економија Крешник Бектеши, наместо да најдат решение за проблемот одлучија да  го прошират својот маркетинг и да се прошетаат во маркетите.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста