„Бистра вода“ – Од 5ти март на Алфа ТВ

Нова македонска крими-драма која ќе остави траен белег на македонската кинематографија. Серијата „Бистра вода“, е судбоносна приказна сместена во сегашноста, а влече корени од времето кога Македонија била под социјалистичкиот режим. Обвиена со мистерија, а инспирирана од вистински настани.

Режисерот и главен сценарист, Јани Бојаџи, пред гостите и камерите не го криеше задоволството и среќата за своето најново дело.

  • „Ние ова што го направивме е само потврда дека, доколку се сака, може да се прават и големи достигнувања и тие достигнувања да бидат квалитетни на крајот. Верувајте ми, секогаш кога се прави македонски производ, на чуден начин, сите коцки се редат, една по една, и организациски и како содржина и како финансии. Убеден сум и дека овој проект на крајот, на свој чудесен начин ќе си ги нареди сите коцки и се ќе си заврши така како што треба“ – Истакна Бојаџи.

За новата платформа “КинеМое” тој вели дека ќе биде македонскиот „Нетфликс“, а со тоа кај нас доаѓаат новите, современи трендови за емитување на филмските дела. На „КинеМое“ гледачите ќе имаат можност да гледаат разни македонски содржини.

  • „На почетокот, ние ќе имаме една промо претплата за 199 денари ќе може да се гледа цел месец. Ќе може да се гледа првата полу сезона на Бистра вода. Значи, тие кои ќе се претплатат на „КинеМое“ ќе можат да гледаат најмалку 5 епизоди однапред, пред гледачите на телевизија. Тоа е можноста која ние ја нудиме. Но, освен „Бистра вода“, на „Кинемое“ ќе има и други соддржини. Играни, документарни, шоу програми. Но ние не застамнуваме тука. Во исто време веќе подготвуваме и нови соддржини, нови продукции.“ – Додава Бојаџи.

Продуцентот на серијата, Дејан Милошевски, вели дека било вистинско задоволство да се работи со искусните актери и покрај сите предизвици со кои се соочиле во меѓувреме.

  • „Без целиот тим не можевме да дојдеме денес на првата премиера и успехот за ова што го направивме. Генерално сме задоволни, заедно со Никола, целиот проект му додовме една нишка во која нема застанување. Мора да продолжиме и проектот да заврши. Така и успеавме.“ – Изјави Милошевски.

Една од главните улоги во серијата ја игра искусниот македонски актер Зоран Љутков, кој вели дека секоја епизода од „Бистра вода“ му наликувала на долгометражен филм. Смета оти гледачите на Алфа телевизија ќе добијат можност за вистинско филмско доживување.

  • „Бев изненаден од неколку млади актери кои што веројатно првпат се појавуваат на филмското платно и очекувам дека после оваа серија ќе имаат блескава кариера“ – Истакна Љутков.

Режисерот Никола Поповски кој ја имаше клучната улога на прв асистент на режија, вели дека целосно бил вложен во создавањето на серијата и оти изминатата година, тој живеел со проектот 24/7.

  • „Верувам дека ова е значаен момент. Алфа Телевизија и платформата „КинеМое“, како пресвртна точка, после подолг период на продукциска хибернација кај нас, да конечно тргне оваа работа и да престанеме да се потпираме на увозните продукти.“ – Вели Поповски.

„Бистра вода“ е првата македонска серија по долго време. Актерската екипа брои повеќе од 70 актери, а се снимаше на повеќе од 50 локации. Со современа и актуелна приказна, која разработува бројни сегменти од општествениот, политичкиот и културниот живот во Македонија. Таа изобилува со карактери и настани кои вистински ја рефлектираат денешница, но и нашето минато.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста