Билет во еден правец – голем дел од младите иднината не ја гледаат во Македонија

Билет во еден правец – ова e единствениот излез за младите на кои им е смачено од корупцијата и непотизмот во Македонија. Токму овие две зла се главната причина зошто над половина од луѓето размислуваат да заминат во стрнаство.

Проблемите не се од сега, се провлекуваат со децении, но во последно време само се таложат, велат оние кои работат на младински проблематики.

„Младите луѓе имаат тенденција за иселување. Квалитетот на живот на младите луѓе е на многу ниско ниво, образовниот систем е речиси колабриран и понатаму, секој 4ти млад човек е на ризик на сиромаштија“ вели Анелија Митрова – Оперативен координатор на Младински сојуз.

Носителите на одлуки најчесто не се млади луѓе, а соработката со младите во најголем дел е само декларативна.

„Да ги слушаат нашите барања и да одговараат на истите водени од принципите на непристрасност и недискриминација. Едноставно да го уважат она што го бараме од нив“ вели Викторија Апостоловска – Студентска правобранителка на УКИМ. 

„Младите треба да ги цениме и да ги почитуваме како еднакви чинители и активни партнери во донесувњето на одлуки и креирањето на младински политики, но и во креирањето на државни политики, бидејќи младите се дијаманти кои треба да блескаат во нашата земја, а не надвор. Наместо умови, да извезуваме успешни младински приказни. Сметам дека младите се иднината, но и сегашноста“ рече Марио Паунов – Институт за добро управување и евро-атлантски перспективи.

Освен општо подобрување на состојбите во државата, младите имаат и конкретни барања и желби за новата 2023-та – поквалитетни учебници и наставни програми, повисоки стипендии, конечно решение за студентскиот оброк, изградба и реновирање на студентските домови, можности за практична работа и полесно вработување по завршувањето со образованието.

„Да бидат на масата со носителите на одлуки и да го кажат својот став, дали во преговарачката рамка, дали во решавањето на билатералните спорови“ рече Анелија Митрова – Оперативен координатор на Младински сојуз.

„Мојата новогодишна желба е студентски град по европски стандарди како во Софија или како во Белград, бидејќи знаеме дека имаме голем број на проблеми со сместувачки капацитети и со условите во студентските домови“ рече Марио Паунов – Институт за добро управување и евро-атлантски перспективи.

„Конечно да почнат да веруваат во моќта и во силата која истите ја содржат кон било какви општествени системи“ вели Викторија Апостоловска – Студентска правобранителка на УКИМ.

И покрај сите проблеми и предизвици младите остануваат оптимисти. Се надеваат дека политичарите конечно ќе почнат да ги исполнуваат ветувањата и дека новата 2023-та ќе биде многу подобра од 2022-та и за нив и за Македонија.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста