Бектеши за Денот на рударите: Со развој на рударството во  Македонија ќе се обезбеди повисок економски раст

По повод 28-ми август-Денот на рударите во Република Македонија, министерот за економија Крешник Бектеши го честита празникот на сите рудари.

„Рударите се наш бесценет човечки ресурс, а рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој.

Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас.

Сепак, во изминатиов период се соочивме со сериозни предизвици во овој сектор особено од аспект на заштита на животната средина, што резултираше со законски измени со кои значително се зајакнува контролата над работата на концесионерите, но од друга страна пак се олеснува патот за компаниите кои сакаат да вложат во оваа индустрија и истовремено да ги почитуваат и применуваат највисоките стандарди за работа, овозможувајќи безбедност при работа на рударите кои се изложени на највисок ризик при работењето.

Министерството за економија со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во рударството, обрнувајќи особено внимание на овој економски сегмент во насока на одржлив раст и развој, остварувајќи партнерски однос со човечкиот потенцијал кој работи во овој значаен економски сектор.

На Владата на Република Македонија и е особено значајно оваа гранка да се развива за да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството“, се вели во соопштението.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста