Случувањата во Израел се доказ дека никој не е безбеден од тероризмот
Замрзнатиот децениски воен конликт помеѓу Израел и Палестина со една искра прерасна во војна и стана второ воено жариште во светот. Заканите од групите кои го подржуваа палестинското движење се остварија, а Израел не успеа да се заштити, коментира универзитетскиот професор за безбедност, Александар Нацев. Токму ова што се случува во Израел е доказ дека не постои апсолутна заштита на ниту една држава од терористички напади, коментира професорот.
Ракетните напади од Либан и вклучувањето на Хезболах против Израел значи поддршка на активностите на Хамас, а изјавите на израелските власти се претежно строги за одговор на терористичките напади, па професорот очекува влошување на ситуацијата. Според него за тоа придонесуваат и нападите на паравоената организација на Либан, Хезболах.
Речиси никогаш од своето основање Израел не бил во ситуација да мора да ослободи толку многу заложници и територија окупирана од добро организирани и вооружени терористички групи. Насилството е особено засилено оваа година. Бројот на Палестинци – милитанти и цивили – убиени на окупираниот Западен Брег од страна на израелските сили е највисок во последните речиси две децении. Исто така, во последниве 20 години, најголема е бројката на израелски цивили убиени во палестинските напади.
Пред сегашниот конлфикт, последната војна меѓу Хамас и Израел беше во 2021 година, која траеше 11 дена и уби најмалку 250 луѓе во Газа и 13 во Израел.
Вчерашниот напад се случи на 50-годишнината од војната во 1973 година, кога арапските соседи на Израел започнаа ненадеен напад врз Израел на Јом Кипур, најсветиот ден и најголемиот празник во еврејскиот календар.
Паула Костадиноска