Западно балканска Одисеја  

 Западно балканска Одисеја  

Европската Унија веќе подолго време ја промашува својата политика за проширување на Балканот така што се чини дека моделот Западен Балкан е последна шанса за неговата целосна интеграција. Процесот на интегрирање е далеку од уверлив и покрај редица  макроекономски транзиции со големи домашни последици, значајни демократски  реформи  и  големи инфраструктурни  инвестиции предвидени за овој дел од Европа.  Сериозно трошење на сретства  од  разни фондови  проследено  со  чести посети на  европски политичари  со сериозна критика за  локалното лидерството  ја  претворија  суровата  реалност на политичкиот Западен Балкан во интегративен  кошмар.

Европските институти и аналитичари ги истражуват причините за неуспешната политика  на ЕУ кон Западен Балкан.  Последиците кои се очигледни на теренот всушност може да доведат до конкретните причини за промашената политика во поглед  на Балканската блиска и комплетна интеграција.

Најпрвин тоа е некомплементарноста на Балканот со ЕУ само заради тоа што очекувањата постојано се менуват.  Стандардите  како услов за интеграција редовно се подигат  иако кандидатите  паѓат се пониско во параметрите со кои се опишуват.  Во 2007 година во  ЕУ беа примени Романија и Бугарија кога не ги исполнуваа стандардите за поканата,  нивните пост советски стандарди не  можеа да бидат подобри од  пост југословенските.  При последното поголемо пристапување кон ЕУ во 2004 година седум од земјите беа од поранешниот источен блок.

Патем да потсетиме  дека Европскиот Совет во декември  на Самитот  беше одлучен да се отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија,  додека Грузија да добие статус на кандидат.  За жал  Украина го нема реалниот територијален интегритет поврзано со големиот и измачувачки  конфликт со Руската Федерација.  Молдавија на пример покрај сите напори ја нема разрешено Трансднистрија.  Порано беше извесна информацијата дека станува збор за XIV армија на Советскиот Сојуз  која требаше во случај на поголем судир  да биде спремна за интервенција во Европа.  Преку ноќ,  со еден дел, таа се повлече во овој дел од светот. И сега се двоумам,  дали можеби Европа толку далеку отиде со  реформите во Молдавија.  Та,  најсилни останаа  русофилите кај нас на Балканот.  Но  секако,  посакуваме среќна и брза интеграција и на овие блиски  земји во Европската Унија.  

Неповолен  фактор за политиката  на нашето интегрирање е  постоењето  на конфликти во регионот.  Светските медиуми од  Балканот  понекогаш  емитуват  снимки  од  демонстрации со физички конфликти,  немири и отворен оган.  Сериозно прашање е дали  Европа ќе си дозволи да го интегрира Балканот со улога  на ,,блиски исток’’.   Дејтонски договор,  Кумановски договор,  Охридски договор,  Преспански договор се само редица на мировни решенија кои постојано генерират потреба од нови преговори во тек на три децении.

Замрзнати  конфликти во Западен Балкан се во голем број.  Најпрвин Западен Балкан е притиснат од разни услови  на постојните земји членки.  На пример пред Македонија да влезе во НАТО соседна Грција го постави условот да го промени името,  со што беше нанесен сериозен удар врз националната идеја и разбирање во Македонија.  Хрватска инсистира дека во Босна и Херцеговина мора да се подобрат правата на хрватите. Бугарија пак има посебни услови за влезот на Северна Македонија во врска со историјата, јазикот, образованието. Тој предлог сега се нарекува Француски.  

Отворените прашања за признавање и територијален екстремизам на момент се претворат во отворени граѓански судири  на Косово.  Тензично е во Босна и Херцеговина  во врска со правата на хрватите и со желбата на србите за интеграција со матичната земја.   Србија има слаби односи со Хрватска,  одбива да го признае Косово, постоин негодување  со растечката национална  идеја во Црна гора. 

Но, се разбира најсериозниот чинител на проблемите во овој регион се  корупцијата и организраниот криминал.  Босна, Србија, Македонија,  Косово може да бидат учебнички пример на овие теми  на универзитетите во Европа.  Европските челници често доаѓат со раце полни со европски фондови и помош но и,  со  сериозни и конкретни критики кои често се претворат во директни закани и прогон.  

Но,  и самите се зачудени од контраефектот на своето дејство.  На крајот,  сите разбираме дека го прават самите тие.  Имено,  тие имат свои европски фаворити во домашната политика.  Нивните фаворити редовно победуват на избори.  Па потоа, запаѓат во корупција и така за да избегнат  губење на власт и одговорност  создават етнички или мафијашки конфликти и пресметки.

Зборот Одисеја ги опишува патувањата на  познатиот јунак Одисеј.  Ако неговото  име  во сличната македонска народна приказна се преведува како  ,,самиот јас’’ тогаш  Западно балканска Одисеја е вистински наслов за оваа наша ситуација.   Имено,  Европската унија  самата е виновна што фаворизира погрешни ликови во нашата домашна политика.

Погледнато назад последните две децении насекаде во Западен Балкан,  народот заедно со лидери во Европската Унија полагат доверба во ,,европски ориентирани’’ и наводно докажани кадри.  Како инаку да се објасни ова непрестано вртење во круг.  Есапот не им излегува ниту на сајбиите во Брисел ниту на домаќините на Балканот.  Расте домашното незадоволство  од европските интеграции.  Политичарите кои се директно виновни за оваа состојба претходно се сликаат со лидерите на Европа.

Затоа многу важно прашање е каков е клучот за избор на европските фаворити за Западен Балкан.  Дали е доволно прокламирање на европски идеи и декларирање на европски агенди кои самите избраници подоцна не се во состојба  да ги испорачат.

Едната од можните претпоставки е уплавот на Европски кругови  од евентуално обединување на истородни  народи  како чин на старо единство на Балканот во рамките на Европската  Унија.  Проблематична  идејa  стара 200 години кога слоганите на Балканот биле  ,,Единство или смрт’’  во контекст на едно или друго обединување:  бугари со бугари,  срби со бугари,  грци со срби,  албанци со бугари,  турци со босанци,  македонците  и така натаму.  Соодветно на тоа пак,  разни интереси од Европа фаворизират разни домашни  ,,десни и леви елити’’  кои се спремни  да прифатат агенда со која идејата навреме да биде пресретната и надмината.  

За жалост  на вистинските про европски сили,  справувањето  на  сомнителни домашни елити со преземени непопуларни мерки на домашен план стана равенка за интегрирањето на Балканот во Европската Унија.

Во македонската народна приказна киклопот е прашан кој му го извадил единственото око.

Тој  им  одговара дека тоа му го сторил – Сам Јас.  Онака како му се претставил сторителот.

Одговорот на другите киклопи според  Македонската народна приказна е:

  • Ако сам – пукни там !

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста