Заев молчи и бара да не се прави шоу за бугарските уцени- што мора да прифатиме за преговори со ЕУ?

Нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина, изјави Заев.

Скандалозен молк од премиерот Зоран Заев околу преговорите со Бугарија, но ги повика и другите да молчеле. Не сакал да прави шоу од бугарските уцени и условувања. Додека Заев не открива ништо, кај источниот сосед се зборува и тоа гласно. На Македонија и се заканува и официјална блокада на стартот на преговорите за членство во Европската унија, доколку не ги прифати бугарските барања, кои не се менуваат, порача бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов. Премиерот директно запрашан што Македонија мора да прифати, не сакаше да одговори.

-(ПРАШАЊЕ: Што Македонија мора да прифати и за што разговаравте на состанокот за да добиеме датум за старт на преговори до петок?) Нема да коментирам детали, жалам што има наратив кој што се јавува пред се на социјалните мрежи, кој што предизвикува говор на омраза, говор на непријателство. Ние со Бугарија имаме пријателство, апелирам до сите да ги стишаат нивните реакции, најлесно е да се истуриме врз другата страна или тие врз нас, изјави Заев.

Додека Заев молчи, она што Бугарија го бара го кажува Каракачанов, кој порача дека се е во рацете на колегите од Скопје, да коригираат се што досега пропуштиле.

-Разговорот беше многу долг, почна во 10 изутрина и буквално заврши во 10 минути до 17 часот, малку пред да тргнам накај Самоков. Долго време разговаравме во една многу добра атмосфера, еден пријателски разговор, без потреба од преведувачи, мислам дека разбраа. Од тука натаму во нивните раце е да ја прилагодат нивната досегашна политика, никогаш не е доцно, подобро доцна како кажува бугарскиот народ отколку никогаш, изјави Каракачанов.

А дали се променило нешто на долгата средба во Софија? Каракачанов вели да.

-Мислам дека се промени едно, тие разбраа дека Бугарија не води никаква политика на инает, туку Бугарија води принципиелна политика. Има две варијанти, или ќе биде добро и за Бугарија и за Македонија, или за Македонија преговорите за Европската унија се одложуваат некаде во времето, изјави Каракачанов. 

Уцените од Бугарија се големи, а цело време ги повторува Каракачанов. Сега побара и анекс договор за решавање на проблемите, како што е јазикот идентитетот, историјата, како и рехабилитација на репресираните. Инаку и бугарската академија на науките застана зад позицијата на Софија да не ја прифати предложената преговарачка рамка за Македонија. 

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста