Заев ги прифати барањата на Мицкоски: Пописот се одложува за септември, фингерпринт апарати на локалните избори
Зоран Заев ги прифати двете клучни барања на Христијан Мицкоски. Пописот е одложен за септември, фингерпринт апаратите ќе се користат на локалните избори, кои исто така се одложуваат од првата за втората половина на октомври. Со ова според опозицијата ќе се избегнат изборни нерегуларности и семејно гласање. Ова е дел од договорот кој го постигнаа лидерите на владејчката СДСМ, Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Со прифаќањето на предлогот на опозицијата, кај власта надвладеа грижата за здравјето на граѓаните, па цврстиот став дека пописот ќе се одржи во март омекна. За возврат пак опозицијата ќе го деблокира Собранието. Како што веќе беше најавено од ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе ги поддржат сите закони кои се за помош на граѓаните и економијата, но и оние клучните за евроинтеграциите на Македонија.
Според Мицкоски, кој беше иницијатор на оваа средба до септември би требало да се очекува смирување на пандемијата и имунизација на поголем број од граѓаните. Тој изрази задоволство велејќи дека оваа средба била успешна и позитивна.
-Се согласивме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи во рамките на Парламентот, заедно со парламентарното мнозинство на сите закони кои што се однесуваат на реформската агенда поврзана со евроинтеграциите на Република Македонија и сите закони кои што се однесуваат на поддршката на стопанството, економијата, граѓаните и борбата против пандемијата, изјави Мицкоски.
Задоволство од постигнатиот договор изрази и премиерот Зоран Заев. Тој кажа и за кои закони поточно треба да добие поддршка од опозицијата. Тоа се законите за финансиска помош за граѓаните и економијата, законот за клиничкиот центар, за пензионирање на 64 години и со можност со години од стаж. Опозицијата ќе го поддржи и законот за дивоградби, а ќе се разговара и за предлог законското решение за државјанство. Премиерот кажа дека до крајот на април се очекувало во Македонија да пристигнат 350.000 вакцини.
-Верувам дека во периодот кој што следи навистина ќе имаме поконфорна атмосфера, секој вршејќи си ја својата улога во општеството, нормално пред се со одговорност да законодавниот дом биде одблокиран и повеќе да не се случуваат вакви блокади. Покажавме доблест и големина со што прифативме уште утре да влезе изборниот законик со отисок од прст, кој што е договорен од поголемите политички партии, да влезе во процедура, изјави Мицкоски.
Во измените на изборниот законик ќе се разговара и за можноста градоначалник да биде победник, уште во првиот круг, доколку добие 30 проценти од вкупниот број запишани гласачи, како и за отворените советнички листи. Ќе се разговара и за евентуална промена на изборниот модел за следните парламентарни избори.
Матеја Петровски