Водотеците во Битола се уште големи, се бројат последиците

          Од утрово во Битолскиот регион врнежите на дожд се намалија, меѓутоа водотеците од помалите и поголемите реки се уште се големи, на некои места излеани. Денеска, екипата на АЛФА ги обиколи најкритичните точки на Петтиот канал што се влева во Црна, на потегот од село Кравари, па Жабени, се до Егри, каде што има големи излевања на вода и се поплавени неколку стотини хектари на плодни ниви. Покрај самиот пат, неколку куќи  и штали се под вода.

          – Надојдените води веќе полавија неколку стотици хектари на плодни површини во Пелагонија. Во долниот дел, пак, во близина на село Жабени, некои куќи тука се под вода и навсина овие денои се очекуваат многу драматични состојби.

          До вчера, мошне драматично беше во близината на Велушка река кај Породин непосредно до Живинарската фарма, меѓутоа и Лажечка река кај село Лажец го зеде својот данок, со поплавена летнина, уништени трла и други зијани во куќите, кои денеска тукашните жители ги пребројуваа.

  • Што се случи, ќе не кренеше водата. На чичкоми му влезе во шталата кај овците, мене пченката ми ја потопи, а проблемот е што реката не е исчистена од кога јас памтам- рече Изет Рушитовски.- Од реката влезе преку ѕидовите и се наполна шталата- рече неговиот чичко. – Овде се наполни шталата, а овците ги однесовме кај комшиите- рече нивната снаа. – Водата овде беше една педа и креветите се полавија и сите се со вода- рече нивниот сосед.

Од ЈП Водостопанство , чија механизација денеска  ја чистеше вегетацијата кај Лажечка река, велат дека има непристапни терени, но и многу несовесни граѓани кои сметот, шутот и земјоделските отпадоци ги фрлаат во селските реки и каналите.

-Не може да се исчистат тие реки оти дрвата се таму. Кај Лажечка река по цела должина можеби кима над 1. 000 м3 дрва. Уште не е правно реулирано на кој начин тие дрва да ги отстраниме. Луѓето се несовесни и многу се фрла ѓубре и во наслените места. Отпадот се фрла во каналите и реките, кај што му е најблиску- рече Дејан Заровски, раководител во Водостопанство „Битолско поле“ во Битола.

Колкави ќе бидат штетите во земјоделието допрва ќе се проценува, но барем засега смирувачка е информацијата од ЈП „Водовод“ дека пумпната станица е безбедна и градскиот водовод има квалитетно водоснабдување.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста