Градската река – срам за градот под Марковите Кули

           По вчерашната грда слика од матната надојдена вода во прилепската Градска река и во која пловеше сета несовест и негрижа на луѓето за животната средина во која истите тие живеат, денеска со свој став се огласија од ЈКП „Комуналец“. Според в.д. директорот, Даре Цветаноски, кој одби да даде изјава во камера, проблемот со „Дабнички канал“ не бил ниту од сега, ниту пак можел да се реши наеднаш.Тој вели дека каналот се одржувал редовно, но проблемот бил во несовесното однесување на одредени граѓани и до непристапноста на теренот заради непланската градба на импровизирани објекти и куќи до самиот канал.

    „Не може ниедно Јавно претпријатие да исчисти онолку колку што граѓаните можат неконтролирано да исфрлаат отпад. Во населбата Тризла,  голем дел од жителите ги користат каналите за исфрлање на секаков отпад, кој при поројни дождови се слева во дотеците и ободните канали, а оттука во Дабнички канал и на крај во Градската река, која пак, врви низ центарот на градот. Оваа појава е со години и покрај тоа што во рамките на нашите можности и надлежности ги чистиме проблематичните канали.  Проблем се и непланските и импровизирани куќи кои се изградени до самата ивица од каналот, каде ние како јавно претпријатие немаме пристап ниту да го исчистиме каналот, ниту да го транспортираме отпадот. Кога ќе престанат поројните дождови, ние веднаш ќе пристапиме со чистење на донесениот отпад како во Дабнички канал , така и во Градската река“, – ни изјави за Алфа, в.д. директорот на ЈКП „Комуналец“, Даре Цветаноски.

      И додека граѓаните и надлежните институции си ја префрлаат вината едни на други, интересно е да се спомене дека во Прилеп нема ниту едно официјално еколошко здружение, кое би алармирало за ваквите состојби. Според информациите до кои дојде Алфа, одвреме -навреме се појавува по некое такво здружение, но најчесто тоа било со краток век, односно само дотогаш додека не биде реализиран некој поситен проект, најчесто финасиран со странски пари.

      Инаку, интензивниот дожд во изминативе три дена, вчера прилепската Градска река ја претвори во водена отпадна лента по која пловеше се и сешто, од пластични шишиња, па се до штици, покуќнина, па дури и јоргани.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста