Водостојот на Тиквешкото езеро под критичната точка, биодиверзитетот сериозно загрозен

Водостојот на најголемото според површина вештачко езеро во земјава и второ според количеството на вода во него, Тиквешкото езеро, веќе подолго време е под критичната точка. Во овие зимски денови, неговата слика е загрижувачки тажна. Преку две илјади сопственици на викенд-куќи, се жалаат дека нивните пумпи за вода одамна биле на суво, па тие со месеци немале ниту вода, иако живеат покрај вода. Освен за ова, тие се загрижени и за биодиверзитетот на езерото, за кој велат дека сериозно бил загрозен, особено рибниците.

Се спушта нивото и рибниците одат се’ поблиску до дното. И ако има некое дрво долу да се закачи, рибите ќе избегаат и тоа е огромна штета. Тоа е едно. Друго, сите ние што живееме на Тиквешко, имаме пумпи за вода, оти немаме таму водовод, сите пумпи се на суво…Од летото наваму, постојано е вака, ќе качат малку, пак ќе спуштат до крај“, – вели Ангел Крстев, долгогодишен сопственик на викенд-куќа на Тиквешко езеро.

Според стручњаците пак, нивото на езерото во последниве години толку многу паѓало што и интересот за ова вонредно убаво вештачко езеро станувал се помал. Тие спасот го гледаат во преземањето мерки од страна на државата, нивото на езерото да не се дозволи да паѓа под 160 метри надморска висина од максималната кота 169, а која во моментов пак била дури за 30-тина метри под дозволениот минимум.

Инаку, водата од Тиквешкото езеро освен што се користи за наводнување на земјодлеските површини, таа се користи и за производство на електрична енергија на ХЕЦ „Тиквеш“. Кавадарчани се сомневаат дека сега, заради актуелната енергетска криза, езерото се испумпувало многу повеќе од дозволеното, заради што тие се закануваат и со протести.

Уште нема толку струја колку што им треба и затоа го пуштаат и Тиквешко, не знам за другите езера дали ги пуштаат, нашето е на нула..Сега е катастрофа. Сабајле кога станав, сето на суво. Имам таму и чамци, мотори, сето е на суво“, – објаснува Крстев.

За алармантната состојба со водостојот на Тиквешкото езеро, одговори побаравме и од МЗШВ, и од ЕСМ, меѓутоа до овие вести не ги добивме.

Тиквешкото езеро е со површина од 14 квадратни километри и со зафатнина од 475 милиони кубни вода. Водата се користи за наводнување и за добивање на електрична енергија. Наводнувањето се врши преку хидросистемот “Тиквеш“,  а во близина на браната е подигната ХЕЦ “Тиквеш“. Во Тиквешкото езеро се констатирани и повеќе видови риби кои се предмет на стопанската експлоатација, помеѓу кои и единствениот вид на сом кој достигнува должина и до 2 метри и тежина преку 100 кг.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста