Синдикатот алармира, власта тактизира – минималецот останува „замрзнат“

Синдикатот алармира, власта и натаму тактизира околу зголемувањето на минималната плата на 300 евра. Новата министерка за труд и социјала, која беше на средба со синдикатите не сакаше да каже дали како Влада ќе го прифатат нивното барање, иако првиот синдикалец бараше итно покачување на минималецот. Алфа праша дали ќе им излезат во пресрет, но министерката наместо одговор, ја напушти прес конференцијата.

Од Владата велат дека во понеделник ќе биде организирана средба на економско – социјалниот совет, која досега неколку пати беше одложувана.

Од ССМ бараат уште утре, итно покачување на минималната плата на 18.000 денари, зашто според нив, се живо било поскапено, па така работниците немале време за чекање ниту еден ден, камо ли со месеци како што најауваат од Владата. Дарко Димовски рече дека ако не се чуе нивниот глас, веќе од следната недела најавуваат сеработнички штрајк.

  • Ние немаме време за чекање. Сметките за февруари и минималната синдикална кошничка сигурно нема да ги покрие минимална плата од 15.200 денари. Законското решение до народните избраници беше предадено уште во ноември. Ние навистина немаме време за чекање. Уште утре, во петок, ќе ги свикаме сите органи  на ССМ и ќе ги активираме штрајкувачките одбори доколку не се случи покачување на минималната плата и не се обезбеди К-15 за сите вработени во јавниот сектор, рече Димовски и потсети дека на 31 овој месец имаат закажано состанок во Владата на кој ќе го пренесат ова.
  • Утре ќе имаме средба со преставници на највисоките одбори на Синдикатите и уште еднаш ќе ги дефинираме следните чекори. Ние немаме време за чекање до март, април или јуни. Покачените сметки за струја и парно ќе стигнат на 1 февруари, а ние немаме пари да ги платиме. Затоа најитно бараме да се утврди  минимална плата од 18.000 денари, скалесто зголемување на платите за сите работници согласно колективните договори, како и регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор, додава Димовски и најавува масовен сеработнички штрајк на кој ќе се изрази незадоволството на работниците и на Синдикатите.

Последната анализа за раст на платите покажала дека нивното зголемување немало негативно да влијае на компаниите, ниту пак на продуктивноста на работниците, како што стравува бизнис заедницата. Економистите велат дека сето тоа ќе ги мотивира работниците да бидат повеќе продуктивни, а со тоа ќе се зголемат профитите на фирмите и БДП.

Како што вели еден од авторите, Бранимир Јовановиќ, таа покажува дека растот на минималната плата не ја намалува, туку ја зголемува продуктивноста и на фирмите и на вработените, не доведува до намалување на останатите плати, до отпуштање работници, ни до потреба за кратење на другите трошоци на фирмите. 

  • Минималната плата во Македонија е меѓу најниските во Европа. Дваесет и два процента од луѓето живеат во сиромаштија што е една од највисоките стапки во Европа. Од нив пет проценти живеат во екстремна сиромаштија, со помалку од 40 денари на ден, што значи можат да купат само леб. Во сиромаштија живеат и девет проценти од вработените, рече Јовановиќ.

Сега, минималецот кај нас изнесува 15.194 денари. Според статистиките на ССМ дури 110.000 работници земаат минимална плата. Инаку, Синдикатите минатиот месец организираа предупредувачки штрајк со истите барања, најниска плата од 18.000 денари и K-15 за вработените во јавниот сектор.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста