Владата вети па се предомисли: Нема пари за сите угостители од 6-от пакет мерки

Сите угостители нема да добијат финансиска помош од државата – дециден е министерот за економија Крешник Бектеши. За грант од 6-тиот пакет мерки се квалификуваат само оние на кои угостителството им е примарна дејност. Останатите пекари, мотели и сместувачки капацитети кои вклучуваат кафе барови и ресторани ќе извисат, иако на три недели беа затворени со одлука на Владата. Бектеши вели дека штом имале друга дејност не биле толку загрозени и дека за нив и претходно била предвидена помош. Сепак, вели нивното барање ќе било разгледано и надлежните ќе одлучувале дали ќе има измени на јавниот повик.

Угостителите, очекувано останаа незадоволни. Предупредуваат дека поради овој услов, половина од угостителите ќе останат со празни џебови затоа што немаат соодветна регистрирана дејност. Лути се бидејќи беше најавено дека сите угостителски објекти што беа затворени ќе добијат пари, а тоа не се случи.

Денеска беа објавени 7 јавни повици за финансиска поддршка од 6-тиот сет мерки. Се однесуваат на естрадните уметници, туристичките водичи, организаторите на настани, игротеки и приватни детски одморалишта, за лиценцирани вршители на угостителска дејност кабаре, ноќни барови, диско клубови и диско клубови на отворен простор, ресторани за свадби и туристички агенции. Сепак, парите нема да бидат целосно неповратни. Ако поделиле откази ќе вратат 50% од парите, ако останале со истиот кадар ќе вратат 20%, а ако вработиле макар еден враотен, ќе немаат обврска за поврат на финансии.

Бектеши не ја исклучува можноста да биде продолжен рокот за неискористените аранжмани за патување до крајот на 2022 година. Вели 90% од аранжманите се однесувале на Грција, па ако не се искористеле, ќе направеле напори рокот да се продолжи.

Се најавуваат и мерки за фитнес центрите и фото студијата. За тоа на кој начин ќе профункционираат рестораните за свадби, конечниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести – вели Бектеши. Ако се задржи истата епидемиолошката слика, на крајот на мај или стартот на јуни ќе било објавено како ќе функционираат.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста