Владата се фали со новата минимална плата, но колку навистина може да се преживее со 18 илјади денари

Зејтинот од 70 достигна 100 денари, млекото од 40 поскапе на 55, шеќерот од 29 на 36, брашното од 35 на над 40, а лебот од 22 на речиси 30 денари. Вртоглав раст на цените на основните производи за една година. Владата ги замрзна откако значително поскапеа.

Уште поголем е растот кај енергенсите и горивата – струјата „рипна“ за речиси 10 проценти и истовремено ја снема дневната евтина тарифа, парното за 14%. Безинот во февруари 2021-та се точел за 62.5 а сега за 81 денар, дизелот бил 54 а сега е дури 74.5 денари.

Наместо да ја заузда инфлацијата, Владата се фали со зголемениот минималец за кој се избори Синдикатот и тоа под закана со генерален штрајк.

18 илјади денари сега вредат помалку од 15 илјади лани. Оттука, велат граѓаните, во реалноста нема никакво покачување.

Две минимални плати сега едвај ја покриваат синдикалната кошница која според последната пресметка во декември била тешка над 35 илјади денари.

Драстично повисоките цени ги чувствуваат сите, не само оние кои земаат минимална плата. Дали ќе има покачување и за другите засега е неизвесно иако синдикатот најави дека ќе има скалесто усогласување.

И со зголемувањето минималната плата во земјава останува меѓу најниските во регионот. Македонскиот работник од март ќе добива нешто под 300 евра. Помалку се платени работниците единствено во Албанија, каде минималецот е 236 евра и во Бугарија каде изнесува 280 евра.

Од регионот највисок минималец има Словенија каде изнесува 749 евра, по што следува Хрватска со 569 евра. Во Црна Гора, по усвојувањето на измените на Законот за работа, од јануари минималната заработувачка изнесува околу 450 евра.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста