УПОЗ: Или скалест раст на сите плати или генерален штрајк

Зголемениот минималец мора да резултира и со скалесто покачување на останатите плати, во спротивно ќе се предизвика крах на системот и урамниловка – голем дел од јавниот сектор ќе се сведе на минимална плата. Синдикатот на работниците од управата и правосудните органи (УПОЗ) се заканува со штрајк доколку нема порамнување на сите примања.

Претседателот на синдикатот на УПОЗ на Македонија Трпе Деановски, рече дека прилепската локална самоуправа со потпишувањето на колективниот договор даде пример како треба да биде. Тоа го прифатија и други локални самоуправи, но дел прилепски советници одбиваат да се согласат.

  • Овој Колективен договор, помина на седница на Советот, беше поддржан од сите советници, за оддеднаш потоа истите тие советници што го гласаа овој Колективен договор, се противат на него. И тоа се противат само во делот за платите. Вчера, имаше седница на Економско-социјалниот совет, каде Владата излезе со прогноза дека минималната плата со исплата во април ќе биде 18.000 денари. Сега ќе имаме неповолна ситуација само за вработените во локалните самоуправи, во државната управа и во правосудството во цела Македонија. Бидејќи, кај нас, ситемот на плати е различен од системот на минималната плата. Кај нас системот на плати е според образование и според ниво. Сега Владата несвесно, иако беше многупати досега укажано од синдикатот на УПОЗ и на сите синдикати во јавниот сектор, отвори пандорина кутија која нема да може да ја затвори. Тоа ќе значи дека ќе имаме едно ниво со средно образование кое ќе има иста или повисока плата од вработените со високо образование и ниво на помошно-технички вработени, кое ќе дојде со иста плата со вработените со високо образование, вели Деаноски.

Според него, неопходно е уважување на членот 8 од Законот за минимална плата каде се прецизира усогласувањето на платите со порастот на минималната плата.

  • За поздравување е зголемувањето на минималната плата и тоа е голем чекор. Но, не можам да сфатам зошто Владата не најде и нема слух да го уважи членот 8 од Законот за минимална плата како што тоа се направи во прилепската локална самоуправа со потпишувањето на Колективниот договор. Овој Колективен договор што овде е на сила и што сега советниците го спорат е направен прецизно според Законот, и тоа според Законот за административни службеници и според Законот за минималната плата, каде во членот 8 се вели дека со порастот на минималната плата, се усогласуваат сите останати плати, а не само тие што се на минимална плата. овој колективен договор во прилепската локална самоупорава, го прифатија и други општини. беше предвесник на решавање проблеми во сите локални самоуправи. На крајот од советниците добивме одговор, ако се исплатела повисока плата, тоа ќе било кривично дело. Но, не е така. Ако не се примени Колективниот договор, тоа ќе претставува кривично дело, објаснува Деаноски.

Од Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека не можат да го разберат, како што велат, незнаењето на Владата за начинот на пресметка и исплата на плата на сопствените работници.

Доколку нема скалесто покачување цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималецот сега ќе примаат само минимална плата – референтите и советниците ќе бидат платени како хигиеничарите и општите работници.

Со самото тоа, Владата ги омаложува и понижува работниците, но и го зголемува процентот на вработени кои примат минимална плата на државно ниво од 13,8% на скоро 18%.

УПОЗ предупредува дека државата и досега не ги почитувала законите кои самата ги изготвува и 5.000 до 8.000 работници и до сега земале под минимална плата или 14.500 денари наместо 15.200 колку што е минималецот.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста