Владата конечно реагираше по катастрофалниот извештај на УНЕСКО, експертите стравуваат дека веќе е доцна
На Владата конечно и текна да го спасува Охрид по извештајот на УНЕСКО со кој најлошо до сега е оценета состојбата на регионот. Поради недоволна грижа за природното богатство, исполнети се условите Охрид да се впише во Листата на Светско природно и културно наследство во опасност. Премиерот Заев ги собра министрите во обид да изнајдат некакво решение по најсилниот аларм од УНЕСКО.
Според него, целта на Владата била да се зачува Охрид и да се подобри квалитетот на живот на граѓаните. На состанокот било нагласено дека Владата ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност.
Владата ќе преземе итни чекори за стручно кадровско екипирање во најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина, а истото се очекува да го направат и општините во своите надлежности – пишува во соопштението од Владата.
Додека Владата во последен миг ветува дека ќе го спаси Охрид, ситуацијата на терен е многу поинаква – прпедупредуваат дел од експертите.
Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион брои 20 членови, а најголем дел од нив не се стручни да го решаваат овој проблем – дециден е експертот за заштита на културното наследство Панче Велков.
Останатите од Комисијата не се експерти кои што се занимаваат со културно наследство, или пак јас не знам што е културно наследство. Каква е таа комисија, како функционира, баш сакам да разберам. Експерт за компјутри, експерт за маркетинг во филмска индустрија, мултимедијални уметници, директор на галерија, верувајте јас ова го читав и не ми беше јасно. Од 20 членови, има само еден експерт за културно наследство – вели проф. Панче Велков, експерт за културно наследство.
Последниве три години експерти постојано реагираа дека не се преземаат чекори да се подобри состојбата, и дека продолжува развивањето со проекти кои дополнително го загрозуваат ова заштитено подрачје. Извештајот на УНЕСКО е предупредување за релевантните институции кои треба да преземат конкретни чекори.Овој регион е високо ранлив а според експертите причината е лошото менаџирање и слабото спроведување на законите.
Адријана Алексиеска