Владата ги замрзна цените на основните продукти – граѓаните реагираат дека се доцни

Владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи. Од денеска трговците нема да смеат да ги покачуваат цените на лебот, шеќерот, брашното, маслото, млекото, месото, сирењето и урдата. Ваквата одлука, на предлог на Министерството за економија мина на владина седница, а ќе важи до 31 јануари.

Владата на денешната седница донесе одлука за замрзнување на цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало на:

  • леб;
  • шеќер;
  • брашно – тип 400;
  • сончогледово масло за јадење;
  • трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%;
  • свежо месо и сувомеснати производи;
  • сирење и урда

Од оваа одлука исклучени се цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември, информираат од Владата.

Граѓаните велат оти одлуката е задоцнета, бидејќи цените на основните прехранбени производи и онака се драстично покачени.

Минатата недела Србија ги замрзна цените на основните прехранбени продукти за два месеци со цел да се отстранат штетните последици и да се спречи нарушување на пазарот. Таму цените не смеат да бидат поскапи отколку што биле на 15 ноември. Српските власти им наложија на производи да не смеат да испорачуваат количини, помали од просечните во последните 12 месеци, а за кршење за одредбите предвидени се и големи парични казни.

Хрватска пак ги замрзна цените на нафтените деривати во период од 30 дена, како дел од обидите да се стави под контрола поскапувањето на енергенсите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста