Поранешни концесионери ја тужат Општина Охрид за раскинатите договори за плажите

Поранешните концесионери ја тужат општина Охрид поради начинот на кој што тие останаа без договори за стопанисување со плажите, а сред сезона токму на барање на општината, ЕВН го прекина напојувањето на објектите со електрична енергија. Станува збор за 5 локали на атрактивни локации кои работеа до почетокот на летото, додека останатите општината ги срамна со земја.Некогашните стопанственици сега на суд, бараат општината да ги обештети поради претрпените загуби од неработењето. Доколку го добијат спорот, Општина Охрид ќе треба да им исплати неколку стотици илјади евра. Правните застапници очекуваат праведно решение.

„Локалната самоуправа покажа тотална неспособност да спроведе законита постапка за издавање, односно концесионирање на плажите. Постапката која е почната пред 3 години уште за време на претходниот градочалник е уште активна. Поминати се повеќе од 3 години,а нема разрешница“, вели адвокатот Игор Кичеец.

Кичеец вели дека една од тужбите се однесува за уривање на објекти без валидни правосилни решенија за рушење. Таков е случајот со концесионерот Љупчо Нечкоски.

„Општината со нас склучила договор 2014-та, значи ако требало да се руши 2013-та ,тогаш зошто склучувате вие договор со нова фирма во 2014-та? И во сите наредни години никогаш не добивме барем известување дека господа кога ќе ви заврши договорот 2019-та година ќе бидете рушени“, рече Љупчо Нечкоски, концесионер.

Новата локална власт мора да изнајде предно решение и пред почетокот на идното лето плажите да имаат легални закупци.

„Доколку се најде решение, тоа треба да биде во склад со екологијата и тие сите извикани препораки на Унеско кои флагрантно не се почитуваа на повеќе клучни места и вероватно претходната власт сакаше само да покаже дека нешто работи и удри, по мое мислење без никаква студија каков негативен импакт имаат овие објекти во езерото“, додава Кичеец.

Иако Охрид и Струга сеуште се во иста држава и поседуваат заедничко природно богатство, поранешната локална власт во Охрид немаше слух и ги доведе во нерамноправна положба концесионерите кои стопанисуваа со охридското крајбрежје во однос на тие во Струга. На тој начин, со превземање на низа незаконски дејствија и притисоци, повеќе субјекти и физички лица претрпеа огромни штети, завршува Кичеец.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста