„Викенд без ДДВ“ со ограничени ефекти, голем дел од продавниците се затворени

Пропадна ли мерката „Викенд без ДДВ“? По солидниот старт во саботата, вчера најголем дел од дуќаните беа затворени, а исто е и денеска, со исклучок на неколку продавници кои работат со скратено работно време. На прсти се бројат оние што се отворени цел ден. Најчесто се работи за салони за мебел и дуќани сместени во трговските центри од затворен тип. Не купуваат ниту граѓаните, поради споениот празничен викенд. Забележани се случаи кога македонски производи во фискалните сметки се пишани како странски, па наместо целосен поврат, ќе добијат само 10% од платениот ДДВ – алармира даночниот консултант Павле Гацов. Тој пишува дека ваквите слабости треба да се елиминираат ако повторно се воведе „Викенд без ДДВ“.

„Единствени губитници заради ваквата неказнива неажурност на ДДВ обврзниците се граѓаните кои не можат во целост да ги остварат законските права на поврат на ДДВ и како ефект на тоа незаинтересираност за користење на мерка која има системски слабости. Продолжува и примената во пракса на лошо (слабо) отпечатени сметки кои за жал не може да се скенираат. Физичкото одење во УЈП во услови на зголемување на бројот на заразени граѓани и скенирање на тамошните апарати веќе не е опција“ – вели Павле Гацов.

Мерката за дел од аналитичарите е погрешна и популистичка. Сметаат дека се ограничени опциите за граѓаните кои ќе сакаат да набават ИТ опрема, на пример, затоа што дел од продавниците останаа без залихи, па изборот се сведе на поскапи производи. Дополнително ќе се зголемела дупката во државната каса, исто како и ризикот од заболување од Ковид-19, особено во затворените трговски центри.

„Мислам дека е ова избрзана мерка и е популистичка мерка која во моментот ќе им донесе на граѓаните некаков бенефит, на одредена група граѓани, но на поголемиот дел нема да почувствуваат голем бенефит од оваа мерка. Дополнително ,да не зборувам, како тоа ќе с еодрази врз здравствените протоколи“ – вели аналитичарот Синиша Пекевски.

Премиерот Заев и Вицепремиерот Николовски на социјалните мрежи ги повикаа граѓаните да го искористат последниот ден од „Викендот без ДДВ“. УЈП се уште не ги објави податоците за прометот остварен вчера, па засега не се знае дали нивниот потег е само апел кон граѓаните да купуваат или пак, мерката не се остварува според планираното. Владата првично очекуваше промет од 170 милиони евра викендов. Од буџетот, за целосен поврат на ДДВ на македонски производи и ИТ опрема треба да се потрошат 17 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста