Ветената обиколница околу Прилеп, наменета за тешките товарни возила, останува само пуста желба за прилепчани

Ништо од ветувањата дадени уште пред три години за изградба на обиколница околу Прилеп, а наменета за повеќетонските товарни возила кои сега транзитираат низ центарот на градот. Актуелниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, без конкретен одговор на прашањето на Алфа –  кога ќе биде реализирано ова ветување, кое беше дадено уште од неговиот претходник Горан Сугарески, а кој сега пак, е  кандидат за градоначалник на Прилеп.

    „Во однос на ова прашање ќе ги направие сите подготвителни работи, урбанистички, проектантски, статички и ќе направиме план и динамика за реализација на најважните проекти за Прилеп и регионот, така што и тоа е еден од важните приоритети. Секако дека и со идната локална самоуправа ќе работиме за да придонесеме за брз развој на настаните за ова прашање и да иј помогнеме на граѓаните на Прилеп, а секако и на бизнис-секторот со таа обиколница“, – рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

     Оваа обиколница, која инаку е од суштествено значење за градот, според тогашните ветувања, требаше да почне да се гради уште во 2018-та година и да биде завршена до крајот на мандатот на оваа локална власт. Меѓутоа, до ден-денес, таа не е ни започната, заради што жителите од улиците каде што поминуваат повеќетонските товарни возила, протестираа на неколку наврати. Се жалаа дека освен што им била загрозена личната безбедност, огромни штети трпеле и врз своите домови, а и загадувањето било на опасно високо ниво.

    „Многу камиони има пуштено по улицава да поминуваат, со голема тежина. Кога ќе врват, куќите се тресат. Испукано има ѕидови на постари куќи што се…Големи камиони…со голема тежина од 30-40 тони, нон-стоп во текот на денот по 50-60 поминуваат, и ноќе, некој во 4-5 часот поминува овде, те разбудува дури, кога ќе почнат да лупаат“, – реагираше тогаш еден жител.(25.04.20210)

  „Тоа е ветено многу одамна, дека ќе излегува од Езеро на автопат. И стварно жалосно е како не можат да изградат 5 км пат….“ – коментираше друг. (25.04.2021)

    Иронијата да биде уште поголема, деновиве, предизборно, наместо очекуваната обиколница во должина од 6 км, од Рудникот „Сивец“ до регионалниот пат кај Плетвар, жителите од најексплоатираната улица од овој сообраќаен хаос „Мице Козар“, добија само асфалт, во што увид изврши дури лично и министерот Бочварски.

   Инаку, со цел намалување на аеро-загадувањето во градот, оваа локална власт набави и 4 градски автобуси на метан, вредни неверојатни еден милион евра. Но тешките товарни возила останаа и понатаму да транзитираат низ најстрогиот центар на градот.

Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста