Можна ли е соработка на САД со Талибанците?

Соединетите Држави се повлекоа од Авганистан. Властите овде во Вашингтон сега велат дека постоеле и други начини, дипломатски и економски, да се влијае на Талибанците и да се заштитат Авганистанците, пред се жените и децата.

По 20 години американските и сојузничките сили си заминаа од Авганистан. Талибанците сега имаат целосна контрола на Кабул и на поголемиот дел од земјата. 

Сепак, Соединетите Држави засега не ги признаваат за официјална власт.

Нема брзање со признавањето од САД или од која било друга земја со која сме зборувале. Тоа ќе зависи од нивното однесување и дали ќе го испорачаат она што го очекува глобалната заедница-изјави Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа.

Во Пентагон, пак, велат дека веројатно ќе треба да се соработува со нив.

Ова е безмилосна група од минатото, дали ќе се сменат или не останува да видиме. Што се однесува до нашите односи со нив на аеродромот или во изминатата годинаво војна правите она што морате за да го намалите ризикот за мисијата и за силите, не она што нужно сакате да го направите.

Дали постои можност за соработка против ИСИС-К?

Можно е -рече Генерал Мајк Мајли, началник на Генералштаб.

Претходно, секретарот за одбрана, Лојд Остин, вети дека ќе има одмазда против ИСИС-К, терористичката група која ги изврши нападите на аеродромот во Кабул при што загинаа 13 американски војници и уште најмалку 170 луѓе.

Во меѓувреме се преразгледува хуманитарната помош за Авганистан, велат од Стејт Департментот. Колку и што ќе биде испратено ќе зависи од формирањето на новата власт во Кабул и како таа ќе се однесува.

Особено во однос на областите за кои особено се грижиме, безбедното движење, почитувањето на правата на луѓето во Авганистан, вклучително на жените, девојчињата и малцинствата, Влада која е инклузивна, Влада која ги исполнува своите противтерористички заложби и Влада која ги почитува универзалните меѓународни норми изјави Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.

Вашингтон е загрижен и за тоа како Талибанците ќе се однесуваат кон оние Авганистанци кои соработуваа со сојузничките сили, а кои не усепеаја да бидат евакуирани на време.

Од падот на Кабул под талибанска контрола на 15-ти август до последниот американски воен лет на 31 август биле евакуирани вкупно 124 илјади луѓе. Сепак, илјадници други кои на различни начини соработувале со сојузничките сили, не успеаја да ја напуштат земјата и сега стравуваат за своите животи.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста