Вчерашниот снег остави триесeтина села во општина Македонски Брод без струја и со непроодни патишта

„Од вчера утрото од 5 часот, ние сме без струја, а поради затрупаните патишта со снег, веќе триесетина часа, целосно сме отсечени и од светот. Ова е невиден срам за државава. 21-ви век сме, а триесетина сантиметри снег во декември, го парализираа цело Поречие“. Ова е маката на речиси 1000 жители од триесетина села во општина Македонски Брод, кои се останати заглавени во своите домови.

„Екипиве за струја што треба да ја поправат не се ни дојдени. Моментално, се уште не е дојден ни тракторот за чистење што треба да дојди и така што населението од село Брест и пошироко, еве се јавуваме и во другиве села, заглавени се. Ги полниме телефоните на коли кој како има уште некоја кола од акумулаторите…за да можеме да се слушнеме. Иначе, безредие воопшто владее со ова. Ова, кататсрофа е“, – ни изјави за Алфа, Борис Милески, жител на с. Брест, Македонски Брод.

   Овие луѓе, освен што се без струја и се загрижерни за храната во фрижидерите за која стравуваат дека ќе им се расипе, а која, како што велат самите, на сета сиромаштија ја чувале како очите, се плашат и како утре децата ќе појдат на училиште, а тие на работа.

Утре сабајле треба да појдат дечиња 6 километри се оддалечени за на школо. Ако родителиве ги носат за рака до долу, до таму 3 километри има кај што е патот прочистен за тој поглавниот и сега секој родител да го земи детево за рака да го носи на „ушка“ за да оди на школо, тоа не е решение. Ние бараме да се исчисти патот да може да се симни со полесна кола да можат децава да ги однесат….Ние сме на работа утре, таму фабриката ни е оддалечена околу 20 километри“, – резигнирано објаснува Милески.

Новиот градоначалник на Македонски Брод, Жарко Ристески, во телефонски разговор, за Алфа ни потврди дека состојбата навистина е алармантна. Во однос на патната инфраструктура, вели дека станува збор за долгогодишен, стар проблем, но уверува и дека веќе има план и програма за негово долгорочно решавање. За во конкретниов случај, посочува дека веќе биле испратени теренски возила за расчистување на патот, а додека за во наредниот зимски период, во Самоков постојано ќе биде оставена зимска механизација, како и соодветни возила, со цел итно интервенирање при снежни наноси за да нема отсекување на населените места од Поречието.

Отесчените поречани стравуваат дека проблемот со струјата за брзо нема да биде им решен, бидејќи сите надлежни служби каде што цело време се јавуваат, само меѓусебно си ја префрлале топката на одговорност.

Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста