Вакцинален пункт за масовна имунизација во Прилеп дури за десетина дена

     Ништо од првичните најави на надлежните дека Прилеп на 15-ти мај ќе добие вакцинален пункт за масовна имунизација. Во Спортската сала на Средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“, каде денеска не ни беше дозволено снимање во внатрешноста, се уште не си ни започнати техничките подготовки, а кои се во надлежност на ЛС. Директорката на Болницата пак, Кети Смилеска, најавува отворање на пунктот околу 20-25 мај.

   „Не фали ништо. Потребно е да се заштити подот, потребно е параваните да си ги постави градоначалникот, агрегат да обезбеди…да се обележи пристапот, онака за дистанца…технички работи се…“, ни рече за Алфа, директорката на Болницата, Кети Смилеска.

  Прилепчани пак, лути се што во моментов за вакцинирање треба да одат или во Битола, или во Кавадарци. Ова, особено ги гневи и заради тоа што Прилеп за цело време на пандемијата е високо на црната ковид-статистика, а реагираат и на зголемените трошоци.

 – „Сите знаеме дека е дополнителен трошок, да нема Прилеп, а Прилеп имаше најмногу заразени..Кој ќе ти каже што е, како е…?!“

 – „Мислам дека не е во ред, затоа што нашиот град е голем, тука доаѓаат и од околниве села, би требало да има, ние сме голем град, не сме малку. За Битола да одиш треба некој да те носи, сам не можиш да одиш, од каде знеш, може ќе ти се слоши, чоек си…“.

 –  „Рекоа на 15-ти ќе биде, еве сега го продолжија рокот, сега не знајш ни кога ќе биде…Како не е трошок..во Битола на гости да појдиш, една илјадарка ќе летни…“.

 –  „Прилеп отсекогаш е Прилеп и дека има поголеми специјалисти од Битола, само што е работава – не знам. Дали е некоја политика, а прилепчани нема да одат во други градови дури не дојдат во Прилеп.Еве, прва јас кажувам за мене – дури не дојди вакцината во прилеп, не се вакцинирам…“.

    Инаку, засега во Прилеп, вакцинација се врши единствено во Здравствениот дом и тоа само на лица над 70 години. Новиот вакцинален пункт требало да има 15 пулта со капацитет за 1.000 вакцинации дневно.

 Каролина Дурло

https://youtu.be/FSBWUEEIeig
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста